Македонија
13. July 2023 - 19:42

Се комплетираше Судскиот совет по денешните избори

Се комплетираше телото кое два месеца ја бранува јавноста. Наке Георгиев и Антоанета Димовска се двајцата судии чии гласови ќе одлучуваат кој од фелата ќе напредува во кариерата или ќе ја соблече судиската тога.

Георгиев немаше конкуренција, станува дел од советот откако сега веќе неговите колеги замижаа на обвинувањата за нестручно работење во времето кога раководеше со штипскиот апелационен суд. Ја запреа дисциплинската постапка и му дадоа билет да биде единствен кандидат кој ќе ги претставува 15ната врховни судии. Неговото име, како единствено на гласачкото ливче, го заокружиле шестмина. 

Поголема битка за место во Судски водеа Димовска и Лазар Нанев кои бараа поддршка од над 200 судии од неколку градови претставени во скопското апелационо подрачје. 

Довербата ја доби судијката од Основниот граѓански суд за чиј избор гласаа 110мина. За неа не се водеа постапки за одговорност, сестра е на пратеничката на власта Калевска-Ванчева, а пред шест години го критикуваше советот откако не ја избраа за апелационен судија.  

Нанев кој практично во трката за член на судски влезе минута до пладне, без комплетна документација и амнестиран за заканите кон обвинители остана далеку зад својата колешка.

Од Судски појаснуваат дека по истек на рокот за приговори, Георгиев и Димовска ќе ги добијат уверенијата за членови на Судски. Објавувањето конечни резулати, советот најави за утре напладне.

Денешниот избор следи откако двајца членови незадоволни од случувањата во Судски си поднесоа оставки. Пресудно да ги напуштат функциите било разрешувањето на претседателката Дамева. Двајцата нови членови доаѓаат во време кога посебна мисија на ЕУ ќе го проверува работењето на советот, тело кое претходно Холандскиот амбасадор го прогласи за нелегитмно.