За опозицијата новиот закон за амнестија е со политички контекст - колку затвореници би биле ослободени?
Законот предложен од Министерството за правда ќе ослободи половина од затворениците. Според информации на Сител, амнестијата се предвидува да опфати околу 1.500 осуденици кои издржуваат затворски казни. Сепак, конечната бројка на луѓе кои ќе ги напуштат затворите ќе биде позната дури по донесување на законот, брифираат извори од правда.
Во моментов, според податоци на Управата за извршување на санкции, во македонските затвори казна отслужуваат близу 2.400 затвореници. Оваа бројка е за околу 200 над бројот на легла во казнено-поправните установи. Според најавата, со Законот за амнестија треба се реши проблемот со пренатрупаноста во затворите. Експертите по казнено и кривично право пак кои вчера ги контактираше Сител, изјавија дека амнестијата ќе има краткотраен ефект.
Од Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, велат законот најверојатно ќе и служи на власта за полнење на гласачки кутии на следните избори.
Како што вчера објави Сител, се работи за еднократна амнестија со намалување на казните и целосно ослободување осудени на кои им останале уште 30 отсто од затворската казна. Законот, како што тврдат од правда, нема да амнестира тероризам, убиства, организиран криминал. На слобода ќе излезат само сторители на полесни кривични дела.
Ваков закон за амнестија имаше и пред пет години кога со неговата примена, затворите ги напуштија околу 800 осуденици. Дел од нив, уште во првите часови од слободата сториле ново кривично дело.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
