Македонија
20. July 2023 - 21:27

Кој ќе истражува дали било тргувано со илјадници лични податоци на граѓаните?

Институциите немаат конкретен одговор дали се тргувало со личните податоци на граѓаните. Сомнежот на антикорупциска за пропусти при дигитализација на матичните книги, поткрепен со документација ќе оди во обвинителството. Тоа пак, уште пред две години оформило предмет за случајот по барање на финансовата полиција, но денеска обвинителството не одговори дали се утврдени неправилности при изборот на фирмата која добила пристап до матичните книги на родени, венчани и починати.  Двајцата директори во чие време се реализирала дигитализацијата во телефонски разговор за Сител, ги негираат тврдењата на антикорупциската комисија. Бујар Дардишта, најави дека на сите прашања ќе одговори во понеделник. 

Неговиот наследник кој ја продолжил дигитализацијата, Блерим Абази, тврди дека процесот се водел според сите безбедносни процедури.

- „Немало такво нешто, немало шанси за такво нешто во Управата за водење матични книги. Невозможно е да имало тргување со личните податоци на граѓаните. Има сертификати за управување со лични податоци“  

Експертите предупредуваат дека огромни штети може да претрпат граѓаните ако се покажат како точни сомнежите за протек на лични податоци од матичните книги. Велат, дигитализација е процес кој мора да се прави под строги критериуми.

Министерот Спасовски уверува дека нема простор за паника. Пријави имало само за злоупотреби преку социјалните мрежи.

Министерот Лога пак под чија капа е управата за водење матични книги, побара сите одговори да се бараат од директорот на Управата.

Емир Сулејмани остана недостапен. Не одговори на повиците, а ги игонирарише и пораките со прашања за безбедноста на податоците за граѓаните кои ги поседува Управата за водење матични книги.