Земјоделците од Овче Поле најавуваат протест ако до утре не добијат вода за наводнување на нивите
Земјоделците од Овче Поле револтирани зашто кој знае која година по ред се соочуваат со истиот проблем. Посеаните култури интензивно им се сушат на врелото јулско сонце, а во каналот за наводнување на ХС „Брегалница“ вода повторно нема. За разлика од претходно, сега брана „Калиманци“ е полна со вода, рестрикции во наводнувањето нема, но нема ниту вода за посевите.
- Незадоволство огромно има, вода нема, а браната е полна со вода. Дали е до менаџирање, испуштање, неспособни луѓе ли има ставено, не знам што е проблемот, но ние вода немаме да наводниме и штети трпиме огромни-изјави Дејан Атанасов, земјоделец.
Од околу 200 ха под пченка, само 20% се наводнети и тоа во 2 дена колку што имало вода во каналот. Производните трошоците се дадени, а приносот е под знак прашалник.
- Скапи семиња зедовме, германски, по високи цени, ѓубрива, препарати, отековме од прскање оваа сезона. Доста пченки има, речиси и половината што нема ниту да се спасат, изјави Васо Лаов, земјоделец.
- Ако не ги наводнам, за да спасам 30%, 40% или 50 %, јас ќе имам трошоци, односно, загуби само од пченката од околу 15 000 евра- изјави Игор Атанасиов, земјоделец.
Слична е состојбата и со детелината, за која земјоделците сметаат дека ќе има крајно редуциран принос.
- На 1-ви авгист ако навадиме, на 1-ви септември ќе косиме, уако успееме да извадиме еден откос и сезоната завршува-изјави Тони Павловски, земјоделец.
Директорот на водостопанство „Брегалница“ вели дека проблемот е во застарената каналска мрежа, но и во не солидарноста помеѓу самите земјоделци, меѓутоа решение ќе има.
- Дефектот е отклонет, веќе утре водата ќе стигне.Има некаде ситуации во населени места каде што по неколку пати се наводнува, а некаде воопшто не се наводнува, изјави Благојчо Богатинов, директор на Водостопанство ,,Брегалница''.
Доколку и утре не протече вода низ каналот, Овчеполци најавија дека ќе протестираат пред канцелариите во Кочани.
-
Tрајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар