Антикорупциска ќе го проверува автомобилот и врската на Груби со компанијата која го купила
Постапките кои за вицепремиерот Груби се водат во антикорупциска, можеби ќе откријат дали е тој вистинскиот сопственик на опожареното ауди. Според ДСКС, ќе се утврдува поврзаност на вицепремиерот и компанијата чиј сопственик официјално го поседува автомобилот.
„Ние, фирмата конкретно како фирма немаме основ да ја испитуваме, меѓутоа, работејќи по други случаи каде имаме отворено предмети каде се споменува името на вицепремиерот Артан Груби, доколку се најде во таа мрежа, тогаш тоа ќе го обелодениме. Аудито е веќе евидентирано дека е на друго име, Од каде му се парите на господинот, дали таа фирма е поврзана со некакви други активности поврзани со вицепремиерот, тоа можеби ќе произлезе понатаму од истрагата“, вели Билјана Ивановска, Претседател на Државна комисија за спречување корупција.
Опозицискиот лидер, Мицкоски, потпалувањето на автомобилот го смета за криминална пресметка. Во име на јавната функција која ја извршува Груби, вели дека јавноста има право да знае дали тој поседува скриен имот, па ги повика институциите да го истражат случајот.
Од партијата прашуваат и зошто фирма и бизнисмен купуваат автомобил за да го користи политичар. Се сомневаат во бизнис зделка како замена за милионски тендер. Колегата на Груби задолжен за економските прашања рече дека не коментира однесување на други.
Дали зад автомобилот опожарен во саботата стои вицепремиерот Груби истражува обвинителството. Ќе бара доказ од каде потекнуваат парите, кога е купено возилото и кој имал право да управува со него.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
