Македонија
26. July 2023 - 16:32

Оценската мисија од Брисел, од утре во Судскиот совет

Членовите на Судски ќе се соочат со тимот европски експерти кои ќе анализираат како работи советот. Според најавата, процесот ќе се спроведува во две фази. Така тимот кој утре и задутре ќе дојде во земјава треба да утврди само што ќе се најде под нивна лупа, а наесен во анализирање на судски да дојде и поголема група експерти од повеќе европски држави. Се планираат итни мерки за да се вратат кредибилитетот и независноста на судското тело.

„Европската комисија распоредува мисија за рецензија во Северна Македонија која ќе се фокусира на функционирањето на Судскиот совет. Тим експерти од земјите членки на ЕУ  ќе ја испита институционалната рамка на Судскиот совет и ќе предложи краткорочни и среднорочни мерки, вклучително законодавни и институционални мерки, со цел да се зајакне независноста, непристрасноста и кредибилитетот ова важно тело за управување со судството“, се вели во најавата од ЕУ.

На чело на тимот кој утре доаѓа во земјава ќе биде поранешниот претседател на хрватскиот врховен суд. Тој ќе прави план за работа на неговите колеги кои во септември ќе ја посетат Македонија, а според претходните најави тимот ќе биде составен од поранешни членови на судски совети во европските држави.

„Водачот на тимот, г-дин Бранко Хрватин, поранешен претседател на Врховниот суд на Хрватска, ќе ја посети Северна Македонија на 27 и 28 јули за да ја започне мисијата, со идентификување на обемот на работата на тимот. Работата ќе биде комплетирана со поддршка на тим експерти од земјите-членки на ЕУ, кои ќе ја посетат Северна Македонија во септември 2023 година“

Од Судски, не откриваат дали тимот експерти утре ќе оди во советот. Но, пред објавување на информацијата за посета на оценската мисија, судски ја презакажа утрешната седница, па наместо во 10, таа ќе почне во 13 часот.

Доаѓањето на тимот европски правници ја најави евроамбасадорот Гир на почеток од месецов по низата скандали во телото кое треба да ја гарантира независноста на судството.