Пијаниот возач ќе одлежи 8 наместо 18 години за усмртувањето на 11 годишната Магдалена
Велешанецот кој прегази 11 годишно девојче, во затвор ќе лежи двојно помалку. Наместо 18 години како што пресуди судот во Велес, обвинетиот Ангелче Николов во затвор ќе треба да мине осум години.
Одлуката за намалување на затворската казна ја донесе скопскиот Апелационен суд. Возачот кој пијан удри во малата Магдалена додека на пешачки ја минувала улицата, признал вина и ветил дека нема да го повтори делото, па судот одлучил да му скрати 10 години од првично изречената казна.
„Изразеното каење, даденото ветување дека нема да го повтори тоа што го сторил, подготвеноста да го промени личниот статус и да се врати во нормалните текови на здравото опшстествено живееење, по мислење на советот на овој суд упатуваат на заклучок дека во конкретниот случај и со изрекување на поблага казна затвор, воспитно ќе влијае врз обвинетиот во иднина да не врши ваков и сличен вид на кривични дела, како и позитивно да се влијае на планот на генералната превенција“, се наведува во образложението на Апелациониот суд.
Адвокатот на семејството на починатото девојче, смета дека судот ги преценил причините за намалување на казната. Извинувањето и каењето дадени во судница заради кои возачот доби значително поблага казна, Јанаки Митровски, вели, беа само формални.
„Образложението е релативно оскудно и сметам дека Апелација ги преценила олеснителните околности, однос го цени фактот да е никогаш неосудуван, што е факт, но и неговото изразено каење, признание на вина и дадено ветување дека нема да го повтори делото. Судот е обврзан да го цени неговото признание на вина, но каењето како што истакна и првостепениот суд е ствар на проценка. Сите бевте сведоци дека освен декларативно изразено каење, никакво суштинско каење не видовме, не видовме тронка емоција кај обвинетиот. Неговото ветување многу малку значи и за семејството и за генерална превенција, но ваквата пресуда е разочарување за семејството“, вели Јанаки Митровски, Адвокат.
Пресудата на Апелација предизвика бурни реакции во јавноста. „Потврдивте дека сте корумпирано судство, мизерија, имате ли совест“, се дел од коментарите на граѓаните по одлуката за намалување на казната на 28 годишниот возач.
Во декември лани се случи несреќата во која Николов, под дејство на алкохол во вечерните часови со голема брзина го прегази 11 годишното девојче од Велес кое во моментот заедно со својата мајка минувале на пешачки премин. Возачот побегна и два дена се криеше од полицијата, по што сам се пријави. Зад управувачот, Николов седел иако во тој момент имал веќе забрана да управува автомобил.
При изрекување на пресудата, велешкиот суд наведе дека признанието кое го дал Николов придонело за забрзување на судскиот процес, но не и како позитивен став, бидејќи судот не проценил искрено каење кај возачот кој ја прегази Магдалена.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
