Бизнис
2. September 2023 - 16:31

Протест и блокада на оризопроизводителите во Облешево со барање да се пушти вода во нивите

Оризопроизводителите од Кочанско повторно го блокираа регионалниот пат Штип-Кочани. Причина е запирањето на наводнувањето од страна на ХС „Брегалница“, а се уште трае вегетативниот период на оризот, што значи дека е стопиран процесот на созревање. Се работи за околу 500 декари површина, каде сеидбата доцнеше за месец и половина.

- Оризот се уште бара вода. Сортите кои се  посеани во Кочанско поле имаат вегетација од 120 дена најкратката, до 160 дена најдолгата вегетација. Таму каде што сега нема вода, посеана е сортата „Сан андреа“ која има вегетација од 160 дена. Кога почне да зрее, си има зрелост, односно, „восочна“ и „целосна“ зрелост. Кога е во т.н. „восочна зрелост“, може да се прекине со наводнување, но во оваа фаза да се прекине наводнувањето, значи дека ќе нема род, ќе остане „глуво“ и не налиено зрното, изјави Тони Максимов, оризопроизводител од Облешево.

Проблемот мора да се реши под итно, зашто наводнувањето ќе треба да продолжи најмалку за уште 30 денови. Парадоксално е велат, што услуга не добиваат, а најавено е покачување на цената на водниот надоместок за повеќе од 60%.

- Кој приход ќе го имаме, ние сме во загуба. На водостопанство ќе им поднесеме колективна тужба за да платат оштета, зашто приносте ќе бидат од 300 до 400 кг по декар, ништо повеќе, изјави Здравко Арсов, оризопроизводител од Облешево.

Од Водостопанство „Брегалница“ велат дека не бегаат од одговорност, не се сложуваат дека вегетацијата на оризот се уште трае, но за да им излезат во пресрет, уште во понеделник ќе формираат заедничка комисија со оризарите, ќе отидат на терен и ќе најдат решение за проблемот.