Македонија
4. September 2023 - 16:38

Повеќе лица се под посебни истражни мерки, се „чешлаат“ сите документи

Обвинителството заедно со крим полицијата веќе ги проверуваат сите документи кои ги запленија од онкологија, како и одземените компјутери. При вештачењето на материјалот кои го одземаа во петокот од Клиниката,  ќе се бараат секакви докази, материјали, заведени документации на пациенти кои ќе ги однесат до евентуалните виновници во случајот со клиниката. Покрај чешлањето на документацијата, се вршат и распити на секој што има некакакви информации кои се поврзани со случајот.

Откако ќе заврши истрагата тогаш ќе ги споделат деталите. Засега поради чувствителноста на случајот, побараа од јавноста да се воздржи од барање одговорност од било кој, се дури не се откријат вистинските виновници.

“Основното јавно обвинителство Скопје ќе формира тим од стручни лица кои ќе ја анализираат медицинската документација за водење на пациентите и администрирање на терапијата. Министерството за внатрешни работи, како орган на откривање на сторители на кривични дела, презема и други дејствија кои во моментов не можат да се споделат со јавноста, но со директна цел – да се дојде до вистината и евентуалната кривична одговорност. Во истиот момент кога за конкретно лице ќе бидат обезбедени доволно докази за основано сомнение дека сторило кривично дело, обвинителството ќе ја информира јавноста, информираат од Јавното обвинителствот на Република Северна Македонија.”

Но и од Обвинителството и од МВР се децидни- секој што е инволвиран во овој случај ќе одговара пред законот. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски вели нема да има толеранција кон никого. Без оглед дали инволвираните во случајот се од редовите на СДСМ, ДУИ или ВМРО-ДПМНЕ секој што има некаква поврзаност ќе биде казнет. Криминалот не познава ниту политичка партија, ниту националност, ниту позиција вели Спасовски во интервју за ТВ 21. Од она што можеше да сподели Спасовси, е дека поголем број на лица се под посебни истражни мерки.

„Наводите кои беа објавени, одредени информации кои се приберени на оперативно ниво од Крим полиција при МВР, бараа да се одземат соодветни електронски уреди, да се одземат одредени материјали од Клиниката за онкологија, кои преку анализа може да бидат дел од доказите. Сакам да кажам дека посебен тим од Крим полиција работи во координација со ОЈО, напревен е целосен план во однос на постапување и интензивно се работи на прибирање на информации. За конкретноста на информациите не можеме да говориме и да откриеме сега, не смее да се влијае на постапката, се со цел да не се руши еден дел од доказната постапка, пред се во смисла на сведоци. Постојат постапки и процедури, бројот на лица со ПИМ е поголем и тоа е засега што може да се соопшти во јавноста. Виновниците имаат име и презиме и тие мора да бидат утврдени.”

Во петокот, по пријава по допрен глас, полицијата заедно со Обвинителството влезе во клиниката за онколгија каде вршеа претрес, а беа одземени и документации и електронски уреди и од два приватни стана.

Од ОЈО ги охрабрија граѓаните доколку имаат некакви информации поврзани со случајот да пријават кај надлежните органи.