Македонија
11. September 2023 - 16:37

Потпишан договор за соработка во одбраната со Португалија

За прв пат Македонија и Португалија потпишаа билатерален договор за соработка помеѓу двете земји во областа на одбраната. На договорот кој се изработуваше речиси две години, денеска двете министерки за одбрана, Славјанка Петровска и нејзината колешка Марија Хелена Кареирас ставија потпис дека ќе ја зајакнуваат сајбер безбедноста, но и одбраната на државите преку воени вежби и обуки. Поинтензивна соработка најавија и во развојот на вооружените сили.

Со потпишувањето на договорот се стави камен темелник за развивање на односите помеѓу двете членки на НАТО Алијансата, вели португалската министерка за одбрана. Ја истакна и поддршката која Португалија ја дава за пристапот на Македонија во европското семејство.

Сајбер безбедноста се чини дека е една од најважните теми на разговор при посети на странски делегации во земјава. И премиерот Ковачевски пред неколку дена при средбата со неговата колешка од Естонија ја најави поддршката од Естонија околку зајакнување на сајбер безбедноста во Македонија и пристапување на нашата земја кон Центарот за извонреност за сајбер безбедност кој е дел од НАТО, а се наоѓа во Естонија.