Дали хетеросексуалноста ви е фаза која ќе помине- Спорни материјали за учење за средношколците
Социјалните мрежи вријат од реакции, откако беше споделено што се наоѓа во работната тетратка по предметот “Образование за животни вештини” што средношколците го учат како изборен предмет. Меѓу прашањата кои се наоѓаат во анкетните листови стои:
- Дали вашата хетеросексуалност е само фаза којашто ќе ја надминете?
- Ако хетеросексуалноста е нормална, тогаш зошто толку многу хетеросексуалци се лица со ментални нарушувања?
- Најголемиот број лица што злоставуваат деца се хетеросексуалци. Дали сметате дека е безбедно вашето дете да го праќате на училиште каде повеќето наставници се хетеросексуалци?
- Дали би сакале вашето дете да биде хетеросексуалец/ка знаејќи ги проблемите со кои се соочуваат како прељуби, болести, разводи?
Скандалозно, манипулативно, со обид да се уништи традиционалното семејство, ова се само дел од реакциите на вознемирени родители, доктори, но и свештени лица кои се споделуваат по социјалните мрежи.
“ Ова плаче за претставка, од каде им е податоков дека хетеросексуалците се со ментални нарушувања? Зошто вакви слики за бракот? Ова е лудило!”
“ Многу манипулативен сплет на зборови, навистина не ја разбирам потребата од вакви провокации па уште и во формално образование”
“Ако овој работен лист е точен, некој треба да одговара. Поубаво децата што немаат учебници, ако се вакви, не им требаат” – стои во реакциите.
Од Здружението Родителски фронт за вечерва во Струмица најавија и протести против како што велат родовата идеологија и пропаганда во образованието.
Од Бирото за развој на образованието пак, велат дека не станува збор за учебник туку за прирачник за наставници, кој е одобрен од МОН и од директорот на Биро за развој на образование уште во 2011 година. Материјалот по овој изборен предмет не е задолжителен, односно учениците би го добиле доколку наставникот одлучи дека треба.
Наставната програма не е задолжителна, односно наставниците во средните училишта имаат слобода да изберат кои содржини (и соодветно на тоа кои работни листови) ќе ги реализираат и во кој период од учебната година со цел да одговорат на потребите на адолесцентите. Наставната програма за Образование за животни вештини не се однесува на наставен предмет, туку може да се реализира на часот на класната заедница со учениците од прва до четврта година во сите видови средно образование. – соопштија од Бирото.
Оттаму велат дека со оглед на тоа што работните листови и наставната програма за Образование за животни вештини се изработените пред една деценија, истите ќе бидат предмет на ревизија во наредниот период кога се планираат реформите и во средното образование.
Од МОН велат дека не се надлежни за изработка и одобрување на прирачници и не упатија на одговор во Бирото за образование.
Инаку работната тетратка која беше прикачена на веб сајтот на Бирото за образование, повеќе не е достапна.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
