Македонија
20. September 2023 - 17:39

Обвинителството на колегиум ќе го цени влијанието на измените во тековните постапки

Криви или не, Кривичниот законик веќе започна да ги одложува судските предмети, а дел од обвинетите бројат денови до застарување на делата за кои се товарат.

Во петокот поранешниот градоначалник на Центар, Владимир Тодоровиќ  бил слободен од домашен притвор. Со новите законски измени делото ЗЛОУПОТРЕБА НА СЛУЖБЕНАТА ПОЛОЖБА наместо за 20 години отсега, му застарува годинава.

Од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција велат дека тие побарале да му биде укинат притворот; но не поради законските измени.

“Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција утврди дека не постојат веќе околности врз основа на кои му беше определена мерката притвор, меѓутоа мериторна одлука по предметот не е донесена, односно по предметот се уште се постапува”, велат од Обвинителството за гонење организиран криминал.

Синоќа пак, на барање на Јавното Обвинителство беше одложено рочиштето за предметот Таргет-тврдина, за масовното нелегано прислушкување, каде првообвинет е поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков. За две од трите кривични дела за кои е обвинет Мијалков има измени, па Обвинителството побарало од судот да се одложи рочиштето за да донесат одлука како ќе постапуваат.

 Имајќи ги предвид одредбите од Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, односно правните прашања кои произлегуваат од истиот и нивното влијание на правната квалификација на ривичните дела за кои се гонат обвинетите додека се донесе соодветна јавнообвинителска одлука, барам да се одложи закажаната расправа, стои во поднесокот од обвинителството до судот.

Од Основното јавно обвинителство следната недела ќе одржат колегиум каде што ќе бидат разгледани евентуални проблеми за измените на Кривичиот законик, но велат во секој предмет и секој обвинител постапува индивидуално и со фактичката состојба ќе се применуваат законските одредби.

Па така, денеска регуларно се одржа рочиште за предметот Титаник, каде првообвинет е поранешниот премиер Никола Груевски а обвинителката Лиле Стефанова одлучи на завршните зборови да се изјасни околу застарување на делото.