Министерката Тренчевска тврди дека никогаш не најавила зголемување на пензиите за 6,8%
Лажни ветувања или лажни изјави?- Министерката за труд и социјална политика тврди дека никогаш ниту таа, ниту Владата не најавиле зголемување на септемвриските пензии за 6,8%.
Според неа зголемувањето на пензиите за 6,8% е лажна информација, која ја кажал некој друг.
„Покачување на пензиите за 6,8 отсто не сме кажале ниту јас ниту кој било претставник на Владата. Претпоставувам од чија кујна е излезено 6,8 отсто.Моите изјави беа меѓу пет и шест, но секогаш велев ќе ги почекаме податоците од Државниот завод за статистика затоа што тоа е институцијата што ги дава податоците за индексот на трошоци на живот и индексот за порастот на просечната плата“.
Септемвриските пензии се зголемија за 5,3%. Министерката Тренчевска во речиси секоја изјава за медиумите најавуваше минимум 6% зголемување, зависно од трошоците за живот, а во интервју за Сител, кажа дека зголемувањето може да достигне и до 7%.
Но не само преку изјави, министерката и на својот фејсбук профил во објава од јули каде има наведено колку ги зголемиле пензиите како министерство за една година, стои и најавеното зголемување за септември, како проекција од 6%.
Освен Тренчевска, и премиерот Ковачевски во гостување во Сител пред два месеци, беше дециден дека пензионерите ќе добијат повисоки пензии за 6% од септември.
Пензионерите пак својот револт неколку месеци по ред го искажуваат преку протести на улица и пред Владата. Бараат линеарно покачување на пензиите од 3.500 денари и минимална пензија од 18.000 денари. По протестите, министерката Тренчевска кажа дека пензионерите имаат нереални барања и ако се исполнат ќе се доведе во прашање стабилноста на пензискиот фонд.
Денеска на владина седница ќе се разговара за носење краткорочни антикризни мерки за пензионерите.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
