Македонија
13. October 2023 - 16:32

Антикорупциска бара отказ и кривична одговорност за директорот на градежен инспекторат

Владата да му даде отказ на Директорот на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам Фатмир Арифи. Ова го бара антикорупциска која денеска откри дека првиот човек на градежниот инспекторат на сомнителен начин купил два стана и скап автомобил. Стекнатиот имот, Арифи го сокрил од анкетниот лист.

„Не е пријавен стан кој е во сопственост на господионот Фатмир Арифи во Чаир, понатаму, не е пријавен стан исто така во негова сопственост во Железара, не е приајвен автомобил Форд мондео исто така во негова сопственост кое го купил во 2021 по цена од 18 илјади евра“, изјави Билјана Ивановска, Претседател на Државна комисија за спречување корупција.

Арифи платил глоба од 150 евра зашто не ги пријавил двата стана и автомобилот, но антикорупциска ја продолжила истрагата. Проверувала од каде се парите за новостекнаиот имот, па го повикала и на разговор.. Тврдел дека има бизнис со автомобили, но сметките во банка не покажале дека тој или негови блиски имаат дополнителни приходи. Антикорупционерите, бараат Арифи да се гони за незаконско стекнување имот.

„Исто така, органот кој го именувал на функцијата директор, односно до владата, предлагам да се достави иницијатива за одговорност, односно разрешување на господинот Фатмир Арифи, бидејќи, како директор на Државен инспекторат за градежништво да стекнува имот по пат на бесправно изградени објекти, мислам дека не е во ред“, појаснува Ивановска.   

Од кабинетот на вицепремиерката за добро управање, за Сител велат дека за случајот ќе се произнесат по добивање на иницијативата за одговорност.

Арифи цели три години е директор на градежниот инспекторат. При стапуваање на фунцијата пријавил дека поседува пет станови и четири куќи во Скопје.. Сопственик е и на пет автомобили.