Измените во КЗ ќе „спасат“ од кривичен прогон 80 лица, оценуваат невладините
Институциите молчат, невладините пресметуваат. Нејасно е колку и кои судски предмети од висок профил ќе застарат по донесените измени во Кривичниот законик усвоени од владата. Според анализите на Коалицијата за правично судење, од кривичен прогон ќе се спасат 80-на лица кои досега одговарале за злоупотреба на службената положба.
„Повеќето чинители кои се вклучени во оваа ситуација се обидуваат да се оградат од одговорноста. Обвинителите не сакаат да бидат тие кои ќе го повлечат обвинителниот акт, судиите не сакаат да бидат тие кои ќе ја запрат постапката и ќе донесат одбивателна пресуда и затоа гледаме одолговлекување во овие случаи, бидејќи се бараат начини како да се пролонгира носењето на одлуката. Најверојатно, тоа се прави за да не делува тоа бомбастично во јавноста во еден ист ден да бидат застарени сите случаи на СЈО на пример“, изјави Дарко Аврамовски, Коалицијата „Сите за правично судење“.
Од Јавното обвинителство велат дека секој обвинител треба да најде начин како обвинетите да ги задржи во судница. Најавите дека кривичниот прогон може да продолжи по други ставови, според невладините, тоа внесува правна несигурност.
„Кај мнозинството од случаите не верувам дека има простор, дејствијата и поведението да биде подведено под некоја друга правна квалификација која би го дала посакуваниот резултат. Доколку обвинителите знаеле за некоја таква подобра квалификација, тоа ќе го направеле и досега, немаше да чекаат се уште за да треба да најдат начин како да ги преквалификуваат делата. Така што, од нашето искуство и од она што ние го видовме досега во практиката, искрено мислам дека е само прашање на време кога ќе се констатира застареноста во овие случаи“, појаснува Аврамовски.
Измените на кривичниот законик кои беа донесени без консултации со судовите и обвинителството се применуваат повеќе од еден месец. Со нив се ублажија казните за функционери кои ја злоупотребиле положбата. Наместо три, сега најниската казна изнесува една година затвор.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
