Македонија
17. October 2023 - 16:32

Застаре предметот „Таргет-Тврдина“, никој нема да одговара за прислушувањето

Судскиот предмет за масовното прислушување застаре.. Дека повеќе нема кривично да се гонат поранешниот дирекот на УБК, Мијалков и повеќемина вработени од тогашната управа, денеска, во судница соопшти обвинителката Ленче Ристоска. Измените во Кривичниот законик ги застареле делата за злосторничко здружување и злоупотреба на функцијата за најголем дел од обвинетите.

„Како и во другите три случаи на прислушување, односно два претходни и овој, за жал нема да има кривично-правна разрешница и повторно нема да има одговорност за незаконското прислушување во државата. Имаме комплетна застареност што е директна последница на измените на кривичниот законик“, изјави Ленче Ристоска, Јавен обвинител.

Предметот Таргет-Тврдина ќе продолжи да се суди само за уништување на опремата за прислушување и фалсификување документи. Обвинети се поранешената министерка Јанкуловска, началникот Бошковски кој е во бегство и неколкумина вработени од УБК. Одбраната бара и нивно ослободување, велат без законски предвидена казна не може да им се суди.

„Јавниот обвинител наведе дека во однос на овие две кривични дела Ќе се произнесе на кајот од кривчната постапка. Според одбраната тоа е недозволиво бидејќи тоа се коси директно со повреди на европската конвенција за човекоив права во делот на повреда на правата на обвинетите да и понатаму бидат изложени на кривичен прогон за кривично дело за кое што во моментот, јавниот обвинител согласно измените не смее повеќе да води постапка“, вели Љупчо Шврговски, Адвокат.

Обвинителката Ристоска оценува дека измените во Кривичниот законик кои минатиот месец ги донесе владата, негативно ќе влијаат врз правосудниот систем. 

„Импликациите кои ќе ги предизвикаат овие измени, од аспект на неказнивоста која што на некој начин се воведува односно продолжува да се протажира, допрва како општество ќе ги почувствуваме“, вели Ристоска.

Судењето за масовното прислушување почна пред шест години. Обивнителството тврдеше дека следењето на комуникациите се правело преку опрема на УБК, која подоцна била уништена.