Македонија
25. October 2023 - 16:43

Застаре уште еден предмет за Миле Јанакиески

Куртули за злоупотреба на службената положба во предметот „Топлик”, а денеска застарување за истото дело се побара во судницата на екс министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиевски за предметот „Талир”. Обвинителката Ленче Ристовска во судницата предложи, а судот на следното рочиштее треба да донесе одлука за застарување на делото злоупотреба на службената положба кое доаѓа следствено со измените на Кривичниот законик.

„Со оглед на измените на Кривичниот законик од 7 септември 2023 година кои се однесуваат на кривичното дело „Злоупотреба на службена положба“ од членот 353, сметам дека во конкретниот случај за обвинетиот Миле Јанакиески има основ за примена на тие измени како поблаг закон. Јанакиески, согласно обвинението, се товари по член 353, став 4, за дејствија што ги презел во мај во 2013 година. Имајќи ги предвид новите казни за ова дело, а во корелација со членовите 107 и 108 од КЗ, сметам дека има основ да се применат како поповолен закон за обвинетиот и му предлагам на судот да донесе одлука“, рече Ристовска на почетокот на денешното рочиште за „Талир“.

Адвокатите и на Илија Димовски и Кирил Божиновски побараа од судијата да донесе одлука и за застарување на нивните дела во предметот Топлик, но покрај злоупотреба на службената положба тие се товарат и за кривичното дело перење пари, кое не застарува со измените на Кривичниот законик.

Измените сепак секојдневно ослободуваат поранешни функционери и лица кои ги злоупотребиле своите службени положби.

Вчера поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири беше ослободен од куќен притвор, откако обвинителството го преквалификува делото за кое се товари, а со тоа се намали и максималната казна која може да ја добие.

Екс директорот на УБК, Сашо Мијалков минатата недела се спаси за случајот со масовното прислушкување, а пред неколку дена застаре и предметот „Змиско око” кој се водеше од 2007 година, а  обвинетите најавија дека ќе бараат оштета од државата.

Според пресметките околу 40 судски предмети се засегнати од новите измени, каде преку ноќ настапи застареност на делата и намалување на казните.