Македонија
6. November 2023 - 16:38

Беса Адеми ја одби поканата за средба со Судски совет, веќе било познато дека судството трпи притисоци

Раководните луѓе на Највисоките институции во правосудниот систем не седнаа на заедничка маса да расчистат од каде доаѓаат политичките притисоци врз судиите од врховен. Претседателката на судот, Беса Адеми ја одби поканата за средба со првиот човек на судски совет. Во соопштение напиша дека сите домашни и странски организации нотирале дека судството трпи притисоци, ама несоодветно било судски да ја кани на средба и од тоа да прави медиумски настан. Ги потсети дека на притисоци се пожалиле и поранешни претдседатели на советот, кој според Адеми не успеал да открие од каде доаѓале заканите.

„На притисоци преку конкретни изјави и за конкретни случувања укажаа дури и членови на Судскиот совет, но и поранешни претседатели на Судскиот совет на Република Северна Македонија. И покрај ваквите укажувања јавноста не доби одговори дали Судскиот совет презел соодветни дејствија, појаснувајќи за какви притисоци се работело“ напиша Беса Адеми, Претседател на Врховен суд.

Иако Адеми не дојде во советот, судски сепак ги повика новинарите. Преку медиумите ја повикаа претседателката на врховен дека е добро да дојде на средба бидејќи, советот бил единственото тело кое ја штити работата на судиите, вклучително и на тие од највисокиот суд.

Според соопштението на Адеми, вистинската дебата за проблемите  во правосудството ќе почне неделава по објавување на извештајот на Европската комисија за напредокот на државата, но и тој на оценската мисија за состојбите во судски.

„Констатациите од двата извештаи, вклучително и прашањето за политичките притисоци и влијанија набрзо ќе биде повод за размена на мислења и отворање на нова дискусија во рамки на работни настани и средби кои ќе дадат понатамошен придонес за владеењето на правото“ пишува Адеми, Претседател на Врховен суд.

Во убедувачките пораки дека Адеми треба да има средба со судски, се приклучија и двајца членови на советот. Не открија како, ама велат ќе работеле да се дознае дали навистина врховните судии трпат притисоци.

За притисоците врз врховните судии се дозна откако највисокиот суд го посети американската амбасадорка Агелер. Таа пак за Сител порача дека мешањето на приватни лица или функционери во судските процеси, не смее да се толерира.