Македонија
28. November 2023 - 16:35

Угина и последната жирафа во ЗОО Скопје

Вчера угина и последната жирафа во Зоолошката градина Скопје, Флопи, во ист ден со негувателот на жирафи Ристе Трајковски. Од градината се огласија дури денеска преку писмено соопштение на социјалната мрежа Фејсбук.

„Вчерашниот ден беше најтежок за сите вработени во Скопје ЗОО. Ненадејно, на 44 години не напушти нашиот сакан и почитуван колега зоонегувател Ристе Трајковски. Ристе беше вреден работник, омилен меѓу животните, а неговите фотографии за поврзаноста со жирафите го обиколија светот.

Нека ти е светол патот, почивај во мир колега и сочувство до семејството од целиот тим на Зоолошка градина Скопје.

За трагедијата да биде уште поголема, околу 16:00, го загубивме и нашиот Флопи- една од трите жирафи за кои се грижеше Ристе. Вработените дадоа се од себе да го спасат, но и покрај сите максимални напори, Флопи замина на небото заедно со нашиот Ристе“, се наведува во објавата на зоолошката градина.

Причина за угинувањето на последната жирафа во зоолошката градина засега е непозната. Оттаму уверуваат дека биле запазени законските процедури и постапки, а во тек е и обдукција на Флопи. По добивање на резултатите од обдукцијата, ќе излезат со официјални информации.

Во меѓувреме, од здружението за заштита на животните Анима Мунди велат дека итно треба да се истражи од што починала последната жирафа.

„Што се случува со Зоо Скопје, кој ја мониторира здравствената состојба и ја гарантира безбедноста на животните, се откри ли кој ги отру и уби ретките коњи пред неколку месеци; која е причината што вчера почина и жирафата Флопи?! Кога конечно ќе разбереме дека животот зад решетки не е живот туку казна, кога ќе биде веќе еднаш доволно од нивното страдање во доживотно заробеништво и генерирање профит врз грбот на нивните несреќни судбини“, стои во реакцијата на Анима Мунди.

Тие бараат итно запирање на прием на нови единки и промена на концептот на Зоолошките во Македонија во центри за рехабилитација на животните, престојот да биде ставен во функција на оние животни кои се веќе затекнати и живи, со забрана за набавка на нови.

Инаку, во скопската зоолошка моментално нема ниту една жирафа. Во мај годинава угина Каспер, а во јануари 2021 година и Тобого. Трите жирафи беа главна атракција и привлекуваа бројни посетители во текот на целата година.