Колку е реалната потрошувачка кошница? ССМ ќе пресметува со нова методологија
Нереални бројки, со податоци стари 15 години се формира потрошувачката кошница.
Синдикатот пресмета дека на едно четиричлено семејство во ноември му биле потребни нешто над 46 илјади денари за да го помине месецот. Но, параметрите кои влегуваат во таа кошница, според нив, не се објективни. Во неа, на пример, има дека едно домаќинство месечно троши 26 килограми леб, 13 литри млеко, 1,6 килограми месо, 1,2 килограми ослич, 2,3 килограми сирење, 700 грама кашкавал, 400 грама чоколадо, 3,5 килограми јаболка, и помалку од 2 килограми портокали и банани. Има само 1 пар обувки во сезона.
- За одржување на здравје имавме само аналгин и дијазепам. Никој не пресмета дека за една обична настинка потребни се над 1,000 денари, без разлика дали е дете или возрасен. Не станува збор за луксуз, туку лекарства потребни за најобична настинка. Значи земени се нови лекарства, нови параметри за одржување на хигиена, подобрен е културниот живот, вели Иван Пешевски, ССМ
Во новата кошница би влегле трошоците за превоз за двајцата родители, интернет, исхраната пресметана со дневниот број потребни калории, годишен одмор во земјава, лекарства, по еден билет месечно за кино или театар, пари за нови евтини обувки. Со новите продукти и услуги и зголемените цени, според ССМ месечната потребна сума би била најмалку за 10% повисока или со дополнителни 4,600 денари.
- Повторно се земени во предвид најевтините производи, од најевтиниот маркет или продавници, меѓутоа сето тоа е земено не само од статистика, туку и од реалните цени кои ги мери Синдикатот, додава Пешевски.
За пристојна живеачка не се доволни две минимални плати, туку две просечни, кои ретко кој ги добива, вели Пешевски. Семејствата пак, кои имаат по 3 или повеќе деца, со минимални примања, живеат во сиромаштија, со помалку од 100 денари дневно.
-

Наташа Мерсовска
Сите содржини од овој новинар
