Македонија
22. December 2023 - 20:03

Од 1 јануари вработувања во јавен сектор без „амин“ од Бесими

Финансии повеќе нема да одобрува вработувања во јавниот сектор. Министерот Бесими оваа обврска сега ја префрла кај неговите колеги министри и одговорните во институциите.

Од први јануари, секое министерство, претпријатие, акционерско друштво, агенција, општина сама ќе го прави планот за вработување. Одговорните ќе мора да достават изјава до Агенцијата за вработување или до Агенцијата за администрација дека институцијата има обезбедно пари за вработувањето.

На овој начин, според Бесими, се децентрализира вработувањето во јавниот сектор, но и секој директор ќе одговара кривично доколку вработи некој без притоа да има пари за ново вработување.

Предлогот прво го презентираше на брифинг со новинарите, а потоа и на Пленарна седница во Собранието.

-Има два механизми за контрола. Прво, било кој годишен план за вработувања ќе се носи врз основа на изгласан Буџет во Собрание. Се знае колку средства има за таа намена и тоа е рамката. Секоја институција си прави свој план за менаџирање. Вториот момент. Откако ова ќе се направи, секое раководно лице од секоја институција кога ќе достави план за вработување, за оглас, ќе мора да даде и лично изјава под кривична и морална одговорност дека тоа е согласно планот и обезбедени финансиски средства, вели Бесими.

Иако овој предлог доаѓа на неколку месеци пред избори, Бесими не гледа ништо спорно. Вели дека новината не е поврзана со изборите, туку е дел од измените во Законот за буџет кој е во собраниска процедура.

Бесими вели дека нема да се случи цунами од вработувања во јавниот сектор, туку ќе се стави ред. Сепак, кажа и дека кога ги известил своите колеги министри, нивната реакција била изненадувачка.

Опозицијата се противи. Вели дека нема да ги поддржи овие измени кои ги оцени како предизборен поткуп.

-Ако го видиме однесувањето на владините претставници, особено со последните огласи коишто се отвораат на големо во сите јавни институции, како оној во ЕСМ за 500 нови вработени, јасно е дека Министерството за финансии сака од себе да ја тргне обврската и да им ја додели на оние кои ги водат институциите, да можат самоволно да одлучуваат на начинот на кој ќе се вршат новите вработувања. Ние во ваква форма не би поддржале вакво законско решение иако како партија секогаш сме расположени за скратување на административните процедури, бидејќи докрај не е објаснето од каде тие финансии би се обезбедиле, вели Бојан Стојановски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Меѓу главните ветувања на сегашната власт беше оптимизација на јавниот сектор и администрацијата.

Но веќе неколку години не се носат клучните закони кои ги бара Европската Унија. Поради тоа и државата доби остра критика од Европската Комисија за неносењето на Законот за висока раководна служба.

Инаку, Буџетот за следната 2024 година, вреден 5,5 милијарди евра денеска влезе на Пленарна седница во Собранието. Според процедурите, пратениците имаат рок од 3 дена да го донесат новиот Буџет.