Македонија
29. December 2023 - 16:43

Владата препорача продавниците и киосците да работат и за празниците, премиерот вели така бараа трговците

Продавниците, штандовите и киосците ќе може да работат за новогодишните и божиќните празници. Владата на вчерашната седница одлучила да им дозволи да отворат на 31 декември, но и на 1, 7 и 8 јануари иако се неработни денови.
Премиерот се правда така барале трговците.

„Новогодишните и божиќните празници секогаш се период кога граѓаните сакаат да купат подароци, за трговците тоа е добра можност да направат повеќе промет. За работниците во трговијата секогаш е добра можност да остварат подобар приход, така што работниците ќе бидат платени согласно законот за работа во неработни денови и работа во недела“ – Димитар Ковачевски, премиер

Граѓаните не се согласуваат со ваквата одлука. Велат редно е работниците да одморат, а тие што имаат пари, може да си купат тоа што им треба пред празниците.

„Не, не. Зошто да работат? И онака земаат плата 20 илјади, ама не е ни важно тоа“

„Сите што сакаат да си купат тоа што им треба ќе си го набават на време. Како денеска, така утре“

„На први и за Божиќ не треба да се работи. Тоа си е верски празник, зошто да го работиме? Ако има некои институции што треба вистински да работат, нека работат, ама да им се плати“

„И да работат, ако нема пари, не вреди да работат. Тој што има пари сега ќе испазари, тој што нема – исто му е. Вработените во маркетите треба да одморат“

„Како што сите ќе празнуваме и одмараме, така треба и вработените. Ако имаме пари ќе си купиме кога сакаме“

Остро реагираат и од здружението за заштита на работничките права „Гласен Текстилец“. Бараат Владата веднаш да ја повлече препораката.

„Ваквиот тип дејности од приватниот сектор нема ниту електронска евиденција на работно време. Овде имаме работници кои работат и не се платени. Тоа беше и идејата и нашата иницијатива како „Гласен тексилец“ зошто го баравме тој закон за недела неработен ден. Со ова не само што се дава ветер во грб на работодавачите да го кршат законот, туку е очигледно непознавање на законот. Толку ли нема елементарно познавање од самиот закон. Вие да велите да се работи во недела за дејности кои имаат забрана за недела...“ – Кристина Ампева, претседателка на „Гласен текстилец“

Дел од поголемите ланци маркети веќе најавија дека ќе отворат во недела, но не и во понеделник.