Маглата ги откажа летовите, Македонија повторно на врвот на листата руши рекорди
Густата магла одложи и откажа летови на скопскиот аеродром. Утрово патници не заминаа за Истанбул бидејќи нивниот лет мораше да биде откажан. Летовите за Брисел и до неколку германски аеродроми беа одложени по неколку часа. Во Скопје немаше можност да слетаат авиони од Истанбул, па едниот лет беше откажан, а вториот пристигна со неколку часовно задоцнување.
Од пладне ситуацијата се подобруваше па авиосообраќајот се враќаше полека во нормала. Сепак на страната на ТАВ се уште има неколку летови кои со одложено време ќе пристигнат во Скопје.
Не само магла, туку и густ смог со денови е надвиснат како облак над главниот град. Околу 20 дена мерните станици низ земјава регистрираат високи ПМ честички и по неколку пати над дозволената граница. На светските ранг листи Македонија е со најзагаден воздух и е во друштво со неколку милионски градови во Кина, Индија, Бангладеш и Пакистан.
На политичарите и оваа зима во фокус на меѓусебните обвинувања им е аерозагадувањето. Власта ги обвинува локалните самоуправи со кои раководи ВМРО-ДПМНЕ дека во последните две години не исполниле ниту едно ветување.
Локалната самоуправа има ограничени ингеренции, возвратија од ВМРО-ДПМНЕ кои велат владата која ветуваше чист воздух за сите уште во 2016 и го повтори на следните избори, до денес не променија ништо.
Се уште се на сила мерките на Владата со кои се препорачува и да се ослободат од работа бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан инфаркт или мозочен удар.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
