Македонија
5. January 2024 - 16:49

Директорите на М-НАВ не си поднесуваат оставки – нападот бил „конфликт меѓу вработени“

Нема оставки од раководството на М-НАВ по вчерашниот упад и напад во контролната кула. Директорот Фахрудин Хамиди цени дека работел позитивно и немало зошто да давал оставка. Најавата од Владата дека ќе бидат разрешени веќе на следната владина седница ја примил одлично.

-Одлично, во секој момент.

„А сами не би си поднеле оставка?“

-Значи, јас сум спремен и денеска да си поднесам оставка, и вчера и завчера. Но, поради ова што ви го кажав, прво позади мене стојат многу позитивни работи. Така ценам. Но денеска да поднесам оставка, поради тоа што вчера Владата веќе најави, ќе испаднам као... нешто што... Ајде владата решила, па нека си се расправа, вели Хамиди.

Уверува дека не бил во контакт со неговиот советник, Беким Незири кој вчера ја предводел групата од 8 лица кои упаднаа во М-НАВ, стратешки објект во кој за да влезете треба да поминете покрај три безбедносни бариери.

„Само кажете ми, разговаравте ли со Хамиди вчера попладне?“

-Не, не, не сум разговарал.

„Денеска?“

-Не, не, вели Хамиди.

Вчерашниот упад кој дојде по прес-конференцијата на Синдикатот Хамиди го карактеризираше како „конфликт меѓу вработени“.

-Се случил еден немил настан, дефинитивно. И тоа не смеело да се случи. Но, се работи за конфликт помеѓу двајца вработени кои се знаат повеќе од 20 години. Заедно биле на школување.

„Ама 8 луѓе биле таму. Познати надворешни лица“.

-Се во ред.

„Дали побаравте одговорност?“

-Поради фактот што органите, повисоко од нас, се бават со таа работа, во интерес на истрагата, има камери, има многу работи што се внатре, истрагата нека си тече, вели Хамиди.

Обвинува дека во М-НАВ немало проблеми, туку претседателот на Синдикатот имал лични хирови и интереси и поради тоа сакал да го наруши неговиот углед. Вработените кои застанаа зад Тасевски ги нарече „замаени“.

Во моментот на упадот над македонското небо имало најмалку 36 авиони кои биле доведени во опасност. Тасевски вели дека тие се обучени да работат под притисок, но упадот на 8-те лица предизвикал шок кај контролорите на летање.

-Начинот на кој се влегува таму е со одредени безбедносни протоколи, критериуми и сертификати. И ние верувам дека подлежи под меѓународни норми на легислатива акдешто овој член во некоја нормална држава би се третирал како акт на тероризам, вели Тасевски.

Тасевски бил кај Делегацијата на ЕУ за да ги информира за последните случувања од каде, како што тврди првиот човек на Синдикатот, добиле уверување дека ќе добијат поддршка и стојат зад истрајноста на синдикалците.

Во наредниот период можно е и странски експерти да дојдат во земјава за да ја надгледуваат состојбата во Македонска навигација.

-Контактирани се сите, Европската федерација на контрола на летање кадешто членуваат сите синдикати на контрола на летање, Здружението на контрола на летање во рамки на светски ниво, Еуроконтрол, значи сите се контактирани. Тие гледам и дека следат, така што веќе имаме договорање за нивно доаѓање за поддршка и помош за целата понатамошна постапка, вели Тасевски.

Синдикатот подолг период обвинува дека раководството сака да ја партизира оваа институција. Ситуацијата кулминираше со кривична пријава за претседателот на Синдикатот за наводни закани кон директорите, но и напад врз контролор во контролната кула.