ДИК во понеделник со повеќе информации како ќе ги интегрира фингерпринт уредите за двојните избори
На четири месеци пред изборите Државната изборна комисија се уште не знае како уредите за читање фингерпринт кои чинеа 11 милиони евра ќе ги интегрира во двојни избори.
Првиот човек на ДИК, Даштевски вели дека допрва со меѓународниот партнер од кој беа набавени уредите ќе се бара решение како на граѓанинот да му даде опција самиот да одбере дали ќе гласа и за парламентарни и за претседателски избори, или пак, само едни од нив.
- Треба да направиме со нив како тоа ќе се среди, односно да се внесат двата избирачки списока, и за претседателските и за парламентарните. И тие да си одат секој во својата база. Така што, тоа е операција што се уште не сме ја завршиле и треба да ја завршиме и се надеваме дека ќе ја завршиме пред изборите за да може непречено да се одвива гласање, вели Даштевски.
Даштевски вели дека ДИК в понеделник ќе има повеќе информации како ИТ експертите ќе го решат ова прашање, но според првичните проценки, за целосно интегрирање на уредите за двојни избори ќе бидат потребни околу 2 месеци.
Поранешниот претседател на оваа институција, Александар Новаковски вели дека ДИК, но и државата ќе мора да најде начин како на време да им даде избор на гласачите.
- Тоа мора да се изнајде начин со софтверско решение. Ако не се изнајде со софтверско решение, ако е тоа некој потежок и покомплициран процес, тоа треба да го кажат надлежните бидејќи ќе треба тоа ДИК, во спротивно да го решава со упатства, но тоа не е добро. Бидејќи, ќе нагласам уште еднаш, правото на избор е кај гласачот. Значи, не може гласачот да дојде на избирачко место и да му се каже дека мора да гласа за два вида избори, вели Новаковски.
Политичките партии калкулираат, но се едногласни. Сите кои ги контактиравме велат дека прво ДИК мора да соопшти како планира да го спроведе изборниот процес, па потоа јавно ќе ги кажат своите ставови.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
