Македонија
23. January 2024 - 16:31

Извештајот од Анкетната комисија за „Онкологија“ повеќе од еден месец не е испратен до Обвинителството

Повеќе од еден месец извештајот на собраниската Анкетна комисија за случајот „Онкологија“ не може да стигне до Јавното обвинителство. Јавниот обвинител извештајот го побара на 19 декември, но иако двете институции се одалечени само 550 метри, тој се уште не е испратен до ОЈО.

На анкетната комисија сослушани беа сведоци, а се разгледуваа и акти и документи за скандалот на „Онкологија“. Претседателката на Анкетната комисија вели дека собранискиот спикер е тој кој треба да го достави извештајот до Обвинителството.

- Јас и тогаш во јавноста излегов и беше сосема транспарентно кажано дека сум го проследила дописот до претседателот на Собранието и до генералниот секретар коишто располагаат и имаат право да располагаат со архивската граѓа на таа институција. Тие требаше да ја испратат материјата до Обвинителство и навистина не знам што се случува во меѓувреме. Ниту сум информирана, ниту е доволно транспарентна работата на Собранието за ако го поставам тоа прашање да добијам квалитетен одговор за што се случува и зошто не се проследени материјалите, вели Мизрахи.

По завршувањето на Анкетната комисија Обвинителството го побара извештајот и даде рок од 5 дена за Собранието да го испрати. Оттаму велат независно од извештајот од Собранието, Обвинителството работи на скандалот „Онкологија“ и се уште истражува што точно се случувало.

На анкетната комисија во Собранието сослушани беа 50-тина сведоци, меѓу кои и поранешни и актуелни министри, се разгледуваше документацијата, но пратениците од власта и опозицијата не можеа да се усогласат за заеднички заклучок.

Скандалот произлезе од новинарски извештаи дека терапијата за болните од рак наместо да им биде дадена на нив, завршувала на црниот пазар во земјава и регионот.