Македонија
23. January 2024 - 16:35

Директорот на ЈСП ги кани советниците на ВМРО-ДПМНЕ да им објасни каде се трошат парите

Старите субвенции од Град Скопје не беа доволни ниту за две плати за вработените во ЈСП, тврди првиот човек на претпријатието. Во изјава за Сител појаснува дека само за еден месец се потребни над 70 милиони денари само за плати, па претходните субвенции од 110 милиони денари не стигнале за да го покријат овој трошок за два месеца.

„Ниеден од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата не гласаше за тие субвенции. Тие 110 милиони не беа доволни за двете плати во ноември и во декември. Останатата разлика од некаде 40 милиони ЈСП ја покри од сопствени приходи“ – Крсте Петревски, директор на ЈСП

Ова следи откако советниците од ВМРО-ДПМНЕ кои вчера не кренаа рака за доделување нови субвенции рекоа дека не знаат каде завршиле претходните.

„Во месец октомври, советниците на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата изгласаа 110 милиони денари за субвенции за ЈСП, и тогаш директорот на ЈСП кажа дека тоа е за плати за вработените за ноември и декември. Прашањето е каде завршиле веќе доделените субвенции?“

Петревски ги покани советниците во неговиот кабинет за да им објасни како работи претпријатието и каде се трошат парите. 

„Јас и во оваа прилика би им порачал, ако сакаат да дојдат кај мене, да седнеме и би одвоил ден, два, три за секое нивно прашање да им одговорам. Ова е јавно претпријатие и не може да има тајни“ – Крсте Петревски, директор на ЈСП

Иако во управниот одбор на ЈСП мнозинството е од ВМРО-ДПМНЕ, Петревски е задоволен од соработката.

„Со ЈСП управува управниот одбор, а директорот ги извршува одлуките на Управниот одбор. Таму има мнозинство од ВМРО-ДПМНЕ. Генерално сум задоволен затоа што барем тука во ЈСП се однесуваат принципиелно. Тие се грижат за работата на претпријатието и мојата отчетност спрема нив. Немам некои посебни забелешки.“ – Крсте Петревски, директор на ЈСП

„- Нели е апсурдно, од истата партија во советот да велите дека блокираат, а тука да сте задоволни од нив?“

„Е па, како да ви кажам, советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата очигледно сака да функционира на тој начин“ – Крсте Петревски, директор на ЈСП

Критики стигнаа и од СДСМ. Велат хаосот што се случува во ЈСП е пример за тоа што следува откако ВМРО-ДПМНЕ ќе добие власт.

Срамно, тажно и само заради лични хирови на Мицкоски, советниците на ДПМНЕ се противеа на доделување финансиски средства за да може да функционира ЈСП“ – Гордан Шутаров, СДСМ

Вчера претпријатието доби 11 милиони евра нови субвенции од Градот. Со парите ќе се поделат плати на вработените, но и бесплатно ќе се возат пензионерите, студентите, средношколците... Пари за бесплатен јавен превоз за сите граѓани нема, иако Арсовска во неколку наврати вети дека од 2024 за возење во автобус нема да плаќа никој.