Македонија
26. January 2024 - 16:47

Ако дојде друга Влада прашајте ги нив, ние нема да ги укинеме субвенциите за струја, рече Битиќи

Новата давачка во сметките за струја ги погоди сите, а не само газдите на пет стана и викендици, како што беше најавено. Граѓаните кои живеат во станбени згради реагираат дека „пристап до мрежа“ плаќаат повеќeкратно – и во сметката од сопственото броило, но и за заедничките струјомери. Најчесто во зградите има едно или повеќе броила плус: за лифт, осветлување, подрум или пумпа за парно, па и во тие сметки има по дополнителни 200 денари. 

Од ЕВН за Сител велат плаќањето на пресметковните елементи се уредува со Тарифен систем.

„Со промената на тарифниот систем се воведе и овој пресметковен елемент кој се наплаќа за сите потрошувачи кои имаат броило, без оглед дали се користат приклучоците или не. Ваквиот пристап служи за правично учество во покривање на трошоците за вршење на дејноста дистрибуција со електрична енергија кои се делумно поврзани и со тие кои не трошат електрична енергија“.

Надоместокот ќе го нема во јануарските сметки оти бил ставен во декемвриските, и покрај тоа што беше најавено дека ќе стартува од Нова година.

Во меѓувреме, струјата останува субвенционирана до 1-ви јули. За периодот потоа, вицепремиерот Битиќи употреби политички говор. 

„Има одлука за субвенционирање на електрична енергија до 30-ти јуни оваа година, а секако следната влада која ќе биде предводена од Социјалдемократскиот сојуз е спремна да направи одлуки во корист на граѓаните, а таква е и за субвенционирање на струјата. Ако дојде друга Влада, тогаш прашајте ги нив“ – Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања

Субвенциите сега се намалени од 91 на 84%. Ова доаѓа како резултат на стабилизацијата на берзанските цени, како и намалените трошоци на ЕСМ.

Со субвенциите надлежните се фалат подолго време како да ги даваат од свој џеб, па дури беше истакната и табела во сметките за струја, но во реалноста ова се пари од буџетот кој го полнат граѓаните и фирмите.  

Лани Бислимовски во интервју за Сител рече дека треба да се оди со концепт – кое домаќинство има најмал приход, тоа да добие субвенции и помош од државата бидејќи има домаќинства на кои не им треба никаква помош.