Македонија
13. February 2024 - 16:38

Кој е виновен за хаосот со личните документи?

Ковачевски не чувствува одговорност што илјадници граѓани со години добиваа документи со „Република Македонија“, иако според Преспанскиот договор, требало да се со „Северна“. Лидерот на СДСМ вели не сме виновни ние, туку пандемијата на коронавирусот и политичарите кои ветуваа дека ќе го вратат името.

„Во текот на изминатите години имавме 2 години пандемија која ги наруши и каналите на снабдување, ги наруши и голем број на производствени процеси во фабриките кои произведуваат документација, а секако и можноста за брзо издавање на документи со оглед дека скоро две години имавме мерки за физичко разграничување на граѓаните. Дел политичари кажуваа немојте да ги заменувате документите бидејќи ќе го врателе името. Сега гледаме дека тие политичари станаа дел од владата и не велат дека ќе го вратат името назад“ – Димитар Ковачевски, претседател на СДСМ

Никаква вина во власта не гледа ниту техничкиот премиер Џафери. Тој им порача на граѓаните да си извадат нови документи ако сакаат да патуваат.

„Се надевам дека 650 илјади граѓани денеска ниту имаат потреба, ниту имаат можност да ја напуштат државата. Сукцесивна работа треба да биде сукцесивна работа. Навремено и самите граѓани треба да се најават, да одат во подрачните единици на МВР“ – Талат Џафери, Технички премиер

Пред да го каже ова, Џафери најверојатно ги заборавил сите граѓани кои чекаа ред пред полициските станици уште да изгрее сонцето, седеа на гајби и паѓаа во несвест оти стоеја по 10 часа, ги заборави оние кои со месеци не можеа да добијат термин, но и оние кои веќе се сликани, а не можат да си ги подигнат документите затоа што нема доволно обрасци.

Опозицијата го повика Јавното обвинителство веднаш да отвори постапка.

„Двоецот на СДС – Спасовски и Ковачевски нанесоа материјална штета на десетици илјади граѓани. СДС знаеле дека личните документи нема да важат и свесно молчеле за да не бидат предмет на критика од народот. Го повикуваме ЈО да постапува согласно закон и да поведе постапка, но и Народниот правобранител да ги заштити граѓаните кои ги извадиле соодветните документи“ - Игор Јанушев, ВМРО-ДПМНЕ

Во меѓувреме, Владата денеска одлучи возачките и сообраќајните дозволи, како и патните листови кои им требаат на Македонците за да се вратат од странство, да бидат бесплатни. Ваквата одлука доаѓа на три месеци пред избори, откако пола година ниту Спасовски, ниту Ковачевски не сакаа да го послушаат народниот правобранител кога велеше сите граѓани кои треба да менуваат документи само заради името да не плаќаат ништо. Документите не само што не беа бесплатни, туку и поскапеа.