Македонија
16. February 2024 - 19:52

Вработувањето на медицинските сестри со договор на дело испадна само празно ветување сметаат од унијата

Популистичка мерка и празно ветување пред изборите испадна најавата за трајно вработување на “договорците” во здравството, сметаат од Унијата на здрженија на медицински сестри. Според нив нема гаранција ниту надеж дека овие 1117 лица ќе добијат решенија за трајно после изборите. Тоа веќе и го навестувале откако паралелно во многу здравствени установи веќе биле објавени паралелни конкурси за вработување на друг медицински кадар, кои предизвикале дополнителни финансиска импликации.

-Јас не велам дека тие не се потребни во болниците, но ова беше одлука која требаше да го реши статусот договор на дело. И сега гласно прашувам дали проширените конкурси за други вработувања всушност ги попречија финансиските согласности, изјави м-р Гордана Бешлиовска, претседател на Унијата на ЗМСТАС.

Според информациите на Унијата во болниците и клиниките има сестри кои и по 7 години работат со договор на дело без осигурување и за потминимални примања. Бешлиовска најави дека ќе продолжат да бидат гласни и да го штитат овој медицински кадар, а ќе инсистираат во иднина повеќе да не постои категоријата “договорци”.

Вчера новиот министер за здравство кажа дека поради изборите се стопира постапката за вработувања на лицата со договор на дело, а до јуни за повисоки плати ќе чекаат и сите вработени во здравството.