Македонија
18. February 2024 - 16:38

Член на обезбедувањето на Мицкоски нападнал инспектор од НТШ

На помалку од еден час од фајронт шестмина инспектори од НТШ влегуваат во познат скопски локал по претходен план за претрес за дрога. Еден од службениците прво е вербално нападнат од од негов колега кој не бил на должност, а истовремено е и член на обезбедувањето на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски.

Според пријавата, по вербалната расправија обезбедувачот Ивица Б. заедно со неколку  засега непознати лица го истуркал службеникот од НТШ надвор од објектот. И покрај предупредувањата дека станува збор за службено лице, Ивица го удрил колегата со тупаница во глава, по што бил приведен.

МВР во официјалното соопштение не даде премногу детали за синоќешниот инцидент кој денеска ја бранува јавноста. Но случајот за случајот информирани се и Јавното обвинителство, но и внатрешната контрола. Самиот угостителски објект, но и околните згради во кои има деловни објекти имаат поставено неколку безбедносни камери кои ќе треба да им покажат на истражителите што точно се случувало синоќа.

-И.Б. е приведен во полициска станица и известен е јавен обвинител, по чии насоки се преземаат соодветни мерки и активности и по завршување на постапката ќе следува соодветен поднесок по насоки на Јавниот обвинител, а од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди по целосно документирање на настанот ќе бодат преземени соодветни дисциплински мерки согласно колективниот договор во МВР, се вели во официјалното соопштение од МВР.

Но поради позицијата на Ивица како обезбедувач на опозицискит лидер, инцидентот добива политичка димензија. Претставниците на владејачката СДСМ велат дека Ивица е шеф на обезбедувањето, на Мицкоски, опозицијата негира.

Најпрво дополнителниот заменик министер Бојмацалиев преку Фејсбук информираше за инцидентот, велејќи дека е згорозен од чинот и побара внатрешна контрола да постапи соодветно и професионално.

-Напад врз полициски службеник е напад на држава! Македонската историја не памети ваков случај на поранешен висок полициски функционер да нападне и спречи свој колега во извршување на својата службена должност. Ова е преседан во полициското работење, повикувам максимално професионално да се расветли овој случај во интерес на граѓаните и државата, вели Бојмацалиев.

Осуда и барање  за брзо расветлување на случајот побара и техничкиот министер кој доаѓа од патијата на Мицкоски. 

-За наведниот настан веднаш е известен надлежен јавен обвинител кој даде насоки по кои во моментов се постапува, а од страна на надлежните служби во министерството побарав да се постапи максимално професионално и согласно стандардните оперативни процедури, сè со цел во најбрз можен рок да се расчисти овој случај, а за исходот од преземените дејствија веднаш ќе биде известена јавноста, вели Тошковски.

Бодигардот на Мицкоски веднаш е отстранет од обезбедувањето. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека според нивните информации, причина за инцидентот била лична нетрпеливост меѓу двајцата полицајци.

-Споменатото лице за кое медиумите известуваат дека било дел од инцидент е ангажирано како дел од обезбедувањето, но истото не е шеф на обезбедување на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ. Бараме органите, без задршка да ги преземат сите потребни мерки за расветлување на настанот и најостро да казнат секaков вид на насилство, постапувајќи во согласност со законот, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Портпаролот на СДСМ, пак, вели дека сега Мицкоски мора да излезе пред граѓаните и да објасни за причините за нападот, но и за улогата на Ивица Б. во неговиот тим за обезбедување.

-Станува збор за истиот Ивица Бисовски кој во време на ковид пандемијата беше заедно со Мицкоски во теретаната а потоа и во кафана на Боемска улица иако беше забрането. ДПМНЕ секој ден го покажува своето вистинско насилничко и криминално лице. Доволни беа неколку денови откако влегоа во техничката Влада. ВМРО-МВРО е на дело, повторно, вели Каевски.

Членот на обезбедувањето на Мицкоски во претходната техничка влада кога со МВР раководеше Наќе Чулев беше поставен за Командант на специјалната единица Тигар.