Македонија
19. February 2024 - 20:10

Ќе се бара решение за 70 лица кои живеат во ѓубре во поранешниот дом Ранка Милановиќ

Оваа депонија е живеалиште на 70-ина лица кои престојуваат во поранешниот дом Ранка Милановиќ.

Додека автомобили постојано се паркираат пред големиот маркет спроти домот за да си испазарат, десетици ромски семејства едвај преживуваат без струја и вода, во полураспаднати згради кои немаат ни врати, ни прозорци. Дворот и внатрешноста на објектите се извор на зараза заради немање никаква хигиена.

Техничкиот министер за труд, Велковски, најави дека ќе побара од општина Гази Баба да помогне во расчистување на ѓубрето, а на луѓето ќе им се помогне и со храна.

„Во меѓувреме, ќе бараме како системски да им го решиме проблемот на овие луѓе. Да не ги оставиме на линијата на беда и сиромаштија, да видиме како системски ќе може да добијат хумани услови за живеење и хуман простор. Ова што го има направено владата изминатите 7 години, за жал, можам да кажам дека наместо да ги доведат овие луѓе да имаат социјална правда, денеска зборуваме за една социјална неправда. За жал, тоа се случува во Македонија. Еве како во 21 век живеат граѓаните во Скопје и во Македонија“ – Ѓоко Велковски, технички министер за труд и социјала

Поранешниот дом беше и мета на пожар пред околу една година, кога маж кој престојувал таму запалил оган, па пламенот се проширил. Таквиот немил настан, уште толку ги влоши и така тешките услови за живот.