Наместо да ги намалат, СДСМ ќе менува закони за да не пораснат повторно функционерските плати
Откако речиси цела година Владата не успеа да ги скрати функционерските плати, сега Собранието ќе треба да го стопира нивниот раст. Лидерот на СДСМ кој уште во октомври рече дека за недела-две ќе се најде решение како да се скаратат платите, повеќе не зборува за намалување, туку ветува дека нема да се зголемат.
„Најдовме и уставно издржано решение со кое нема да пораснат и платите на функционерите со новото ниво на просечната плата. Пратеничката група на СДСМ ќе поднесе измена на сите закони со кои се регулираат платите на сите функционери, со ова решение постоечките коефициенти ќе бидат намалени со што платите на сите избрани и именувани функционери нема да пораснат“ - Димитар Ковачевски, Претседател на СДСМ
Коефициентите сега се движат од 2,7 до 4,5, во зависност од позицијата.
Со овие бодови се множи ланската просечна плата како основица, а резултатот ја формира платата на функционерот. Во неа дополнително се пресметува и минат труд.
Сител вчера објави дека согласно растот на просечната плата над илјада функционери ќе добијат од 300 до 500 евра плус на своите сметки.
Највисоки плати имаат претседателот на државата, Собранието и Владата.
Со ланското зголемување, платата на премиерот скокна на 2.500 евра. Сепак, Ковачевски и понатаму ќе ја добива оваа сума откако тој побара, а Собранието му одобри апанажа.
„Јас бев обвинуван дека сум имал свои компании, свои фирми, тоа опозицијата постојано го истакнуваше, но се потврди, дека јас немам свои компании, ниту имам свои бизниси“ – Димитар Ковачевски, Претседател на СДСМ
Следниот месец ќе се зголеми и минималната плата. Таа ќе изнесува 22.500. Тоа во превод значи дека и покрај зголемувањето, еден работник на минималец, ќе треба да работи половина година за да заработи една функционерска плата.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
