Кои се кандидатите за претседател со најмал број на потписи за претседателска кандидатура и што ветуваат?
Бесплатни коктели за 8ми март за сите жени ако се потпишат за кандидатурата на Господин Поповски. Со собрани само 63 потписи во изборните единици на ДИК, со осмомартовска понуда Поповски ќе се обиде да ги придобие гласовите на женскиот пол, за другите пак им ветува дека ќе го врати името, ќе ги зголеми платите и пензиите, но и оброкот за студентите.
Иако е градежен работник и земјоделец, вели има искуство во политиката и неколку пати се кандидирал за градоначалник на Вевчани, но последниот пат неуспешно затоа што ја скршил ногата.
Но не само Поповски, и кандидатката Зорица Цветковска, од партијата десна со која раководеше Палчо, ќе го раскине Преспанскиот договор ако ја добие поддршката за претседател на Македонија и ќе говорела само на македонски јазик. И недостигаат уште 9.897 потписи за да влезе во официјалната трка за претседател.
Ќе покренам иницијатива за РЕФЕРЕНДУМ за раскинување на договорите со Бугарија и Грција.
Врз основа на моите надлежности нема да потпишам ниту еден Указ за Закон на кој што ќе пишува северна. На секој собир, на кој што ќе учествувам говорите и јавните настапи ќе ги одржувам на МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК, стои во описот на претседателската кандидатура на Цветковска.
Кандидатката за идна претседателка на Македонија, како поборник за подобра иднина на земјата, на нејзиниот фејсбук профил често го објавува и нејзиниот поранешен сопартиец Љупчо Палевски-Палчо, кој е осомничен за две убиства и е во екстрадиционен притвор во Турција, со натписи дека “Палчо можат да го сфатат вистинските македонци”.
На листата кандидати е и директорот на Стопанската комора за енергетика, Ѓорги Манасков со 323 потписи. Но Манасков обвинува за нерегуларности за тоа како другите кандидати ги собрале потписите во изборните единици на ДИК.
Манасков побара помош од партиите да ги собере потписите за да влезе во фер трка за претседател на Македонија. Едно од ветувањата ако стане прв човек, е дека ќе го врати ЕВН на државата.
На дното на листата со 0 собрани потписи се најде Томе Николовски. И тој ја обвини Државната изборна комисија дека е невозможно да се соберат потписи, ако граѓаните треба да патуваат по 50км до изборна единица само за еден потпис. Тој преку својот фејсбук профил се откажа од кандидатурата за претседател.
Кандидатите имаат рок до 8ми март да соберат 10.000 потписи за да се влезат во официјалната трка за Вила Водно.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар