Loading Video...
Свет
2. March 2024 - 16:55

Преглед на вестите од светот

Белград оди на нови избори. Членот на Претседателството на СНС, Александар Шапиќ, рече дека одлуката е едногласно донесена на денешната седница. Тој најави дека СНС на новите избори ќе учествува како дел од големо движење и дека веќе почнува кампања.

Според резултатите од изборите одржани на 17 декември минатата година, СНС освои најмногу мандати, 49, што со петте мандати на СПС не беа доволни за конституирање на градското собрание во Белград, бидејќи за мнозинство се потребни 56 мандати.

Четири лица загинаа, осум се ранети, меѓу кои и дете, а шест се уште се водат како исчезнати откако руски дрон удри во станбен блок во украинскиот град Одеса.

На видеото објавено од Зеленски се гледа како десетици спасувачи ги сечат урнатините за да дојдат со преживеани лица.

Според Зеленски, дронот бил обезбеден од Иран. 

Во нападот уништени се 18 станови. Утре е прогласен ден на жалост.

Најмалку 19 лица се повредени кога автомобил удрил во луѓе кои чекале на трамвајска станица во полскиoт град Шчечин. Возачот на автомобилот додека бегал се судрил со уште три возила. 

„Ќе кажам дека ништо вакво... трагедија од вакви размери никогаш не се случила во Шчечин. Исто како овде, на плоштадот Родла. Ова е нешто страшно. Неразбирлива трагедија“ – жител на Шчечин.

Меѓу повредените има и три деца, изјави портпаролот на локалната полиција Павел Панкао. Според информациите, две лица се во критична состојба.

„Би сакал да ве уверам овде. Спротивно на популарното мислење на социјалните мрежи, тоа не беше терористички чин. Возачот е од полска националност, 33-годишен маж“ - портпарол на локалната полиција Павел Панкао

Инцидентот се случил на фреквентна раскрсница на почетокот на попладневниот шпиц, околу 16 часот по локално време.

Папата Франциск не можеше да го прочита својот говор поради напад на кашлица. Поглаварот на Римокатоличката црква денеска присуствуваше на свечена церемонија во Ватикан, но кашлањето не му дозволи да го прочита однапред подготвениот говор. Папата Франциск се извини и кажа дека боледува од бронхитис.

„Подготвив говор, но како што гледате не можам да го прочитам поради бронхитис. Го замолив монсињор Чампанели да ми го прочита, благодарам“ – Папа Франциск

Папата пред два дена бил на преглед во болница во Рим каде му биле направени неколку тестирања поради грип