Македонија
5. March 2024 - 16:54

Пропадна комисиската расправа за четирите закони за стратешки инвестиции

Пропадна денешната комисиска расправа во Собранието за четирите закони за стратешки инвестиции. Дојдоа само пратениците на СДСМ, па немаше кворум за работа. 

Пред почетокот на комисијата, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, кажа дека Владата ги пуштила истите закони, но сега со други потписницни, Битиќи и Шукова. Најави дека ќе поднесат 40 амандмани.

„СДСМ без поддршка на останатите коалициони партнери турка закон со кој на грчка компанија ќе и се даде државна помош од близу 50 милиони евра, а дополнително и се гарантира откуп на произведената струја и топлинска енергија по цени далеку повисоки од реалните. На овие инвеститори им се дава привилегирана положба, Република Македонија се става во подредена положба што е недозволиво по нашиот Устав и се суспендираат низа закони кои важат за сите останати во правниот промет“ – Бојан Стојаноски, ВМРО-ДПМНЕ

Од здружението на инженери велат дека иако побарале во дебатата да се вклучат професори и инженери и да го кажат своето мислење како експерти, одговор не добиле. Не бил поканет ниту министерот за економија Бектеши кој побара повлекување на законот за изградба на когенеративната постројка во Скопје.

Здружението поднело претставки до 11 институции меѓу кои Јавното обвинителство, Антикорупциска, МВР, Заводот за ревизија...

„Повиканите институции да преземат мерки во рамките на своите законски надлежности за постапување во услови кога се евидентни ризиците од корупција, односно кога има индиции за обид за кривични дела“, велат оттаму.

Реагираа и од ЗНАМ. Тврдат дека законите ќе ја оштетат државата за најмалку милијарда и двесте милиони евра во следните децении.

„Доколку се усвојат овие закони, за нивно раскинување се предвидени огромни пенали за Македонија, кои веројатно би ја надминале штетата од самата имплементација на истите. Од оваа точка враќање назад нема. Или сега нема да се усвојат овие закони или граѓаните ќе ги полнат џебовите на одредени економски центри на моќ кои практично ќе станат газди на Македонија“ – Горан Минчев, ЗНАМ

Од друга страна, пак, лидерот на СДСМ вели на државата и се потребни стратешки инвестиции за да не зависиме од капацитети за производство на струја стари 45 години. За дел од енергетичарите кои ги критикуваат законите рече дека во својата кариера не покажале ништо.

„Дел од експертите коишто ги гледам, јас го почитувам нивното мислење, нивното теоретско знаење го почитувам, бидејќи во пракса никогаш ништо не работеле дел од нив. Не направиле ништо во текот на своите кариери кое ќе може да ни даде за право дека имаат идеја и визија што треба да се прави“- Димитар Ковачевски, СДСМ

Најмногу реакции во јавноста се појавија за грчки Митилинеос на кој им даваме државна помош од речиси 50 милиони евра, а имаме обврска да ја купиме целата произведена струја и топлина.