Македонија
15. March 2024 - 21:17

Од утре нема фрлање лопати и сечење ленти, на партиски митинг забранети се службени возила

Од утре до избори нема фрлање лопати и сечење ленти. Роковникот меѓудругото вели „20 дена пред започнувањето на изборна кампања не може да се одржуваат јавни настани по повод започнувањето на изградба или пуштање во употреба на објекти со средства од Буџетот или на јавни претпријатија со државен капитал во инфраструктурата како патишта, водоводи, спортски игралишта, градинки и други објекти“.

За време на кампањата, пак, функционерите не смеат да се развозуваат по митинзи и граѓански собири со скапите службени автомобили.

„За потребите на изборната кампања, забрането е користење на канцелариски простор, канцелариска опрема и службени возила на државните органи, освен лицата на кои се однесуваат посебните прописи за заштита на личноста“, пишува во изборниот законик.

На веб сајтот на антикорупциска има има регистар на сите службени возила, кои можат да се пребаруваат по регистарска таблица. Ги има вкупно 5.500 на број. Така граѓаните ќе може да проверат дали функционерот доаѓа со свој или со државен автомобил.

Техничкиот министер за труд денеска испрати укажување до сите чинители кои се под капата на Mинистерството да го почитуваат законот.

„Мора да се почитува бидејќи техничката Влада и примарната цел е токму да го спречи ваквиот тип на поткуп или агитирање од страна на вработени и користење на државни ресурси. Затоа сме и технички министри. Еден апел до сите вработени во Министерството за труд и социјална политика, Центрите за социјална работа, Установите кои се под социјална заштита дека не смеат да се злоупотребуваат никакви државни ресурси и да бидат користени за партиски цели. Ова е повик до нив: никој не смее да биде над законот, сите мора да бидеме исправени пред него и да ги почитуваме законите“ – Ѓоко Велковски, технички министер за труд и социјала

Министерот за надворешни, пак, веќе најави минимални министерски активности по официјалната номинација.

„Откако ќе бидам номиниран официјално како кандидат, планирам минимални активности како министер за надворешни работи. Мора да ги поделиме тие работи. Посебни не во министерството, нема да зборувам за партиски активности“ – Бујар Османи, министер за надворешни работи

Со Кодексот за фер и демократски избори, учесниците во изборниот процес се обврзуваат дека нема да вршат притисок врз вработените во администрацијата.

Антикорупциска ќе мора будно да следи дали министрите ќе користат народни пари за партиски промоции и пропаганди и дали ќе бидат злоупотребувани административците.

Новата претседателка на ДКСК, Татјана Димитровска не сакаше да даде изјава на оваа тема. Ни рече да пратиме прашања писмено, а потоа одговор не добивме. За разлика од овој, претходниот состав на антикорупциска предводен од Билјана Ивановска беше многу транспарентен и отворен со медиумите, па граѓаните редовно знаеја за сите активности на комисијата, а истовремено добиваше пофалби и позитивни оценки во сите извештаи на Европската комисија.