Македонија
26. јуни 2024 - 16:38

Пренатрупаноста алармантна во Идризово, се убива за повеќе простор

Надвор вонредна состојба за поголема безбедност на затворот, а внатре меѓусебни убиства. Викендов почина 40 годишниот осуденик од Гостивар кој на крајот од минатиот месец беше претепан од три години повозрасен затвореник во Идризово.. Двајцата биле сместени во одделот „Амбуланта“ каде престојуваат затвореници со здравствени проблеми.. Нападот се случил на 31 мај вечерта во 22 часот. Со клоци и тупаници затвореникот го нападнал својот неподвижен цимер, кој според информации на Сител се наоѓал во тешка состојба и не можел да се грижи за себе.. Од управата на Идризово сметаат дека причина за нападот е пренатрупаноста.. Бројот на затвореници кои се наоѓаат на одделението бил двојно поголем од предвиденото.

„Станува збор за пренатрупаност во затворот и ги пробива сите стандарди. Покрај недостиг на затворската полиција, има недостиг и од службата за ресоцијализација, односно воспитачи кои треба да работат на ресоцијализација на осудените лица и недостаток на медицински персонал. Сите овие три компоненти кога ќе се земат доведува до една состојба која е веќе алармантна!“, изјави Зоран Јовановски, Директор на КПУ Идризово.

Сега случајот е во рацете на обвинителството. Затворениот кој до смрт го претепал цимерот е во притвор, а се гони за сторено кривично дело Тешка телесна повреда со смртен исход. Според кривичниот законик, за тоа дело е предвидена затворска казна.

„Осомничениот осуденик на издржување казна затвор во КПУ Затвор Идризово – Скопје, на 31 мај тешко телесно повредил друг осуденик. Физички го нападнал во затворот со тупаници и клоци, а од нанесените тешки повреди, оштетениот починал на 22 јуни“, наведува обвинителството во своето известување.

Народниот правобранител и невладините, пренатрупаноста и недоволната здравствена заштита во најголемиот македонски затвор, ги нотираат како најголеми проблеми за Идризово. Следат криминалот и корупцијата, а откако зачестија бегствата, во обезбедувањето на затворот се вклучи и армијата.