Македонија
24. January 2025 - 16:39

Кои се апликациите за заштита на децата на социјалните мрежи?

За да се спречи влијанието од се поопасните предизвици на Тик-ток, но и штетното влијание од социјалните мрежи, министерството за дигитална трансформација изготви препораки за апликации за контрола од страна на родителите на уредите на нивните деца.

Google Family link- родителите преку оваа апликација можат да управуваат со уредите на нивните деца, да постават временски ограничувања за екран, да одобруваат или блокираат преземања на апликации, но и да следат кои апликации ги користи детето.

Apple Screen Time – е вградена функција во ајфоните преку која родителите ја следат и контролираат употребата на апликациите кај уредите на нивните деца. Вклучува дневни извештаи за активност, ограничувања за апликации и поставување време за одмор.

Апликацијата Qustodio и софтверот Norton Family ги имаат истите функции како претходните две, а се идеални за родители кои сакаат подетален увид во онлајн активностите на своите деца.

Amazon Appstore е платформа која нуди  содржини прилагодени за деца, како апликации, книги, видеа и игри. Им овозможува на родителите да го следат користењето на апликацијата, да поставуваат образовни цели и да ограничуваат времето поминато пред екран на нивните деца.

YouTube Kids видео платформа наменета специјално за деца, која нуди содржини соодветни за возраста и родителски контроли.

Овие апликации се преземаат од Google или Play store на уредите кај децата каде што е потребно да се креира профил на детето со возраста и соодветните информации.

Меѓу препораките е и да се ограничи времето кое децата го поминуваат пред екраните и родителот да одреди кои апликации можат да се користат и кога. Да се активираат известувања за онлајн активностите на детето и родителите да имаат редовни разговори за штетното влијание од социјалните мрежи, но и придобивките.

Младите во Македонија велат дека секојдневно ги користат социјалните мрежи- некои повеќе Тикток, други пак Инстаграм. Познаваат и тинејџери што се повредиле во правење предизвици на социјалните мрежи, но велат свесни се за штетните влијанија кои ги има на овие апликации.

Последниот случај во Македонија кои имаше фатални последици беше 17 годишно момче од Волково кое загина од струен удар снимајќи се на вагон за Тик ток предизвик. Минататиот месец околу 20 тинејџери беа однесени во амбулантата на старата Градска болница со скршеници и повреди од тикток предизвикот Супермен.