Македонија
5. February 2025 - 16:33

Што (не) треба да содржи новата потрошувачка кошница?

Во новата потрошувачка кошничка да влезат сите домашни производи и само сезонското овошје и зеленчук, предлага Горан Георгиевски од агро-бизнис комората. Според него, фокусот треба да го ставиме на нашето производство, а во пресметката да се вклучи и бизнис секторот.

„Ова додавање на вонсезонски овошја кои многу ја покачуваат цената навистина е несериозно. Да ставате вонсезонски овошја кои се неколкукратно поскапи отколку во сезона. Понатаму наместо да ставате нескафе, зошто не би ставиле некое кафе од домашен производител? Зошто млечно чоколадо од увоз, зошто да не е од наш произведувач?“ - Горан Георгиевски, агро-бизнис комора

Дека треба да се смени моделот за пресметка согласен е и економскиот аналитичар Арбен Халили, но според него, наместо да се кратат, треба да се додат производи.

„Сум за промена на моделот со тоа што би се зголемил бројот на производи кои би биле вклучени во пресметка на минималната кошница, но не сум за тоа да правиме модел кој сезонски ќе се смени врз основа на производи кои ги има. Ако има купче од 500 производи во одредени европски земји или помалку, не може сега во јануари поради тоа што нема цреши да го промениме моделот на пресметка на минималната кошница“ – Арбен Халили, економски аналитичар

За споредба од нашата, српската кошница ја изработува Министерството за внатрешна и надворешна трговија. Таму од овошје се пресметани лимон, портокали, банани, јаболки и суви сливи. Има и кафе, но само обично мелено. Вметнати се и алкохол и цигари.

Мицкоски вчера кажа дека треба да има промена во пресметката на минималната кошница за да биде пореална. Рече дека му е чудно во кошницата за јануари да има цреши, дињи и лубеници, а според него, не е логично да се пресметуваат и цигарите.

ССМ се на став дека како и во изминатите 15 години и понатаму ќе си прават своја кошница.