Преглед на вестите од светот
Американскиот претседател Доналд Трамп во објава на неговата социјална мрежа Трут соушал излезе со нов напад врз неговиот украински колега Володомир Зеленски нарекувајќи го „диктатор“. Реакцијата на Трамп е реплика на синоќашната изјава на украинскиот претседател кој рече дека „Трамп живее во дезинформациски меур“ со тоа што смета дека може да издејствува мир во Украина преку директни преговори со Москва, заобиколувајќи ги Украина и Европа.
-Брзо се движам за да ги завршам војните, да ги решам конфликтите и да донесам мир во светот. Сакам мир. Никој нема корист од Третата светска војна, а вие не сте далеку од неа. Ако администрацијата на (поранешниот претседател Џо) Бајден останеше уште една година, сега ќе бевме во војна, изјави Трамп на самитот „Инвестирање во иднината“ во Мајами.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски на Телеграм напиша дека мирот во Украина може да биде посигурен ако се постигне со помош на Америка и Европа. Зеленски не го спомна директно Трамп за време на неговото редовно вечерно обраќање до украинскиот народ, туку се фокусираше на денешната средба со американскиот претставник за Русија и Украина, Кит Келог.
Францускиот претседател Емануел Макрон одржа неформална видео конференција со 19 европски земји и Канада за да ја зајакне координацијата за Украина, соопшти Елисејската палата.
Новата рунда разговори следи по кризниот самит одржан во понеделникот во Париз, кој не даде конкретни резултати. Состанокот на водечките европски држави кои го поддржуваат Киев заврши со поделени мислења за потенцијални мировни сили на терен во Украина.
Германија не учествуваше на оваа рунда преговори, јави ДПА. Дискусиите доаѓаат во време кога Европа се соочува со критично прашање: како да одговори на драматичната промена на САД во нејзината политика за Украина.
Сепак, средбата не ги вклучи земјите што Европа ги доживува како „проруски“ земји. Словачкиот претседател Петер Пелегрини го изрази своето незадоволство, критикувајќи го исклучувањето на Унгарија и Словачка и покрај нивната географска близина со Украина. Тој тврди дека „чудниот“ пристап на Макрон ризикува да го распарчи единството на ЕУ.
Следната недела Макрон ќе го посети Вашингтон, соопшти советникот за национална безбедност на Доналд Трамп, а исто така и британскиот премиер Кир Стармер ќе оди во Америка истата недела, изјави Мајк Волц за Фокс њуз. Овие посети доаѓаат откако лидерите ширум Европа изразија загриженост дека САД ги заобиколуваат во обидите да преговараат за мир со Русија во Украина.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар