Македонија
27. February 2025 - 19:41

9-тото електрично возило за чистење на БРАКО излезе на пазарот

Новото електрично возило за чистење на БРАКО, 9то по ред, влегува на пазарот. Грин Машинс 720 ZE e целосно нова машина развиена во последните две години во фабриката во Велес, од тим составен од врвни домашни инженери.

Работи на електричен погон и има технологија од последната генерација, со вградени мотори во задните тркала и управување на сите четири тркала, вртење практично во место, поголем контејнерски простор, 360⁰ камера и оптимизиран начин на чистење. Најважно е што е внимавано тежината да не надмине 3 и пол тона, за да може да се управува со Б категорија, а што е олеснувачко за комуналните претпријатија и општините кои денес тешко можат да најдат возачи со Ц категорија.

Затоа, од Грин Машинс на Брако очекуваат моделот да биде многу баран.

„Јас продавам Грин Машинс во Мексико. Мексиканците ги сакаат македонските свипери за чистење улици“

„Јас сум од Холандија, јас ја координирам продажбата во Саудиска Арабија, одам често таму, овие свипери одлично се носат со песокот што треба да се собира од улиците во Ријад“

„Ние сме во Тексас, но продаваме во неколку американски држави, и допрва ќе расте продажбата на Грин Машинс во САД“.

„Македонија нема многу примери да произведува висока технологија и да му продава на светот. А овде во БРАКО ние произведуваме и оди за извоз, не увезуваме од некаде каде што се тие попаметни од нас, па да куиме од нив и да продаваме тука. Не. И тука имаме памет, знаеме и ние да произведеме. И електрично возило за чистење е потрешко да го произведеш од обична електрична кола. Колата само те вози, а ова треба и да те вози и да чисти, да пере, да собира смет, да врти во место..значи треба да му интегрираш работни функции внатре“ - Кочо Анѓушев, Сопственик на БРАКО и Гринс Машинс

Грин Машинс беше стара шкотска фирма за која БРАКО 10 години произведуваше вакви возила, а во 2019 БРАКО го купи Грин Машинс од австрискиот сопственик, разви нови возила и ги модернизираше постоечките, и денес продава во 50 држави во светот.