Македонија
6. March 2025 - 16:36

Исплатени 10,4 милиони евра од унгарскиот кредит за 47 компании

Исплатен првиот дел од унгарскиот кредит за компаниите. Развојната банка префрли 10,4 милиони евра кон комерцијалните банки. Овие пари се наменети за проекти на 47 компании.

„Со овие средства се поддржани 3 микро, 25 мали, 11 средни и 8 големи компании во државата. Од оваа транша во најголем дел се поддржани компании од областа на производството со износ од 3 милиони евра“, велат од Развојната банка.

Откако вчера премиерот Мицкоски рече дека компаниите покажале интерес за 380 милиони евра, добил инспирација да бара дополнитени евтини пари, бидејќи, како што рече, бизнисот е гладен, министерката за финансии денеска изјави дека за такво нешто ќе се зборува откако ќе бидат искористени сегашните 250 милиони евра.

„Добивме информација од сите банки дека побарувачката е многу поголема од она што го нудиме. Јас би застанала тука. Да ги искористиме средствата, а понатаму ќе видиме во втора фаза за одобрување дополнителни средства и можности за изнаоѓање од каде ќе ги изнајдеме дополнителните средства доколку се договориме за таква втора фаза“ – изјави Гордана Димитриевска Кочоска, министерка за финансии.

Компаниите имаат пристап до кредити со рок на отплата до 15 години и грејс период до три години. Каматната стапка е 1,95 проценти.

Договорот за заем од 500 милиони евра со Унгарската експорт-импорт банка беше потпишан лани во октомври. Половина од парите се за кредити за фирмите, а другата половина за инфраструктурни проекти за општините.