Македонија
7. March 2025 - 16:53

Владата купува овошје и зеленчук за 35.000 евра, Мицкоски ќе го проверува договорот

Во двата договори е објавена целата листа на овошје и зеленчук набавени за потребите на СОЗР. 600 килограми банани, 500 килограми ореви, 300 килограми круши, 550 килограми јаболки се само дел од ставките кои ги сочинува овој договор. 

Премиерот Мицкоски вели, не знаел за оваа набавка, и за тоа дознал од медиумите. 

- Јас банани не јадам, конкретно. Но ќе го проверам сето тоа дали е така. Но, ако е целта да најдеме нов начин и нова формула во Владата ако може на воздух да се живее, еве јас ќе ви кажам дека сега сме во месец на рамазански и велигденски пости. Внимаваме каква храна конзумираме, конкретно јас постам, знам дека голем број од колегите и од христијанска и од исламска вероисповед постат и ги почитуваат овие пости. Во периодот ќе внимаваме овие трошења да ги сведеме ако е можно на нула, рече Мицкоски. 

Говорејќи за трошоците за меѓувладиниот самит во Будимпешта, Мицкоски објави дека цената по билет биле 700 евра.

- Фактурата за 60 билети е вкупно 2.600.000 денари, не е 12 милиони денари какошто некои лиферуваа. Кога сакате ќе биде изложена на јавноста. Односно, тоа би кажало околу 700 евра по билет со сите вклучени такси за сите луѓе коишто беа дел од делегацијата која броеше 60 луѓе и коешто е за 30% помалку отколку кога би оделе со комерцијална линија Скопје – Виена – Будимпешата, Будимпешта – Виена – Скопје или Скопје – Истанбул – Будимпешта, Будимпешта – Истанбул – Скопје, рече Мицкоски. 

Според проверката на билетите од Скопје кон Будимпешта, денеска да купите билет за 9 и 10 март, понеделник и вторник, како што патуваше владината делегација, цените се движат од 12 до 35.000 денари. Со тоа што, летот кој чини 570 евра е најбрзиот.