Агелер: Уставните судии да бидат само судии
Уставните судии да бидат само судии и да работат според законот. Ваква порака упатила американската амбасадорка Анџела Агелер на последната средба со претседателот и членовите на Уставниот суд.
- Амбасадорката Агелер ги охрабри Судиите да одолеваат на било какви влијанија и притисоци во постапувањето и кога ќе влезат на седница да ги остават настрана сите останати улоги, а пред се’ да бидат уставни судии, се вели во сооптшението кое вчера по средбата го испрати судот.
Пораката на Агелер ја слушнале сите 9 уставни судии. Меѓу нив биле и двајцата етнички Албанци кои ја бојкотираа последната седница на Судот кога тој реши да поведе постапка за Законот за јазиците.
Посетата на Агелер на Уставниот суд доаѓа на помалку од две недели пред закажаната јавна расправа за Законот за јазиците и во време кога ДУИ отворено се заканува дека одлуката на судот може да предизвика дестабилизација на државата преку попречување на одржувањето на локалните избори.
Премиерот вели дека не знае што разговарала Агелер со уставните судии, но според него, пораката е јасна.
Раководството на ДУИ минатата недела се закани дека ако Уставен укине одредби од Законот за јазиците тие нема да дозволат да се постават избирачки кутии и ќе ги повикаат граѓаните на улица.
ДУИ веќе протестираше со шатор пред Уставен кога падна одлуката да се преиспитува законот.
Протестот траеше кратко а заврши откако Груби беше ставен на американската црна листа.
Уставен на 20 март треба да одржи подготвителна седница со повеќе експерти на која ќе се разгледуваат спорните членови од овој закон. Конечната одлука се очекува кон крајот на мај или почетокот на јуни.
-
Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар