Пожарот кај село Николиќ се уште активен, тешко пристапниот терен ја отежнува интервенцијата
Пожарот што избувна вчера во близина на селото Николиќ, во Дојранскиот регион, и денеска останува активен. Иако огнената стихија е делумно стабилизирана, таа се уште не е ставена целосно под контрола и не е локализирана.
Во гаснењето се вклучени околу триесетина лица. На терен дејствуваат екипи од јавното претпријатие Македонски шуми, противпожарните единици од Гевгелија и Валандово, како и доброволното противпожарно друштво од Дојран.
Заменикот генерален директор на Македонски шуми Кире Михаилов вели дека се работи за ридско-планински предел кој е тешко пристапен, со деградирана и нискостеблеста шума, што дополнително ја отежнува интервенцијата. Според него во моментов најголем ризик претставува евентуална појава на ветер кој би можел да доведе до брзо ширење на огнот како што било случај вчера кога истиот се појавил.
Засега нема официјални податоци за причините за пожарот, но постои сомневање дека е предизвикан од човечки фактор, без разлика дали станува збор за намерно подметнување или за невнимание.
Надлежните служби остануваат на терен и продолжуваат со напори за целосно локализирање на пожарот. Во меѓубвреме апелираат до граѓаните да бидат максимално вниматели, но и одговорни и да не палат никаков оган или површини кои потоа би можеле да предизвикаат големи штети.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар