Македонија
9. July 2025 - 17:21

Извештајот за Македонија изгласан во Европскиот парламент без македонски јазик и идентитет

Извештајот за напредокот на Македонија помина во Европскиот парламент, но без македонски јазик и идентитет. Известувачот за нашата земја Томас Вајц е задоволен што со 461 глас за беше изгласан Извештај за Македонија за прв пат од 2022 година, но сепак мнозинството на пратеници гласаа за амандманите со кои македонски јазик и идентитет исчезнуваат од Извештајот што го пишуваше Вајц.

Мнозинството европратеници го прифатија амандманот 20 со кој се брише формулацијата дека  „ЕУ постојано го демонстрира своето признавање на македонскиот јазик и идентитет“.

Иако во Извештајот стои формулацијата “целосно почитување на македонскиот јазик и идентитет” во амандманот 21 кој беше прифатен од европратениците овој дел е избришан, па наместо:

„Штом бидат исполнети условите од неговите заклучоци од 18 јули 2022 година, при целосно почитување на македонскиот јазик и идентитет; ги охрабрува сите политички партии во Северна Македонија да се вклучат во конструктивен дијалог за постигнување на неопходниот консензус околу овие амандмани“, во извештајот стои:

„Штом бидат исполнети условите од неговите заклучоци од 18 јули 2022 година; ги охрабрува сите политички партии во Северна Македонија да се вклучат во конструктивен дијалог, а македонскиот јазик и идентитет и тука исчезнуваат“.

Потоа во амандманот 22 кој беше изгласан, наместо верзијата во Извештајот каде што стои:

-Потврдува дека е од суштинско значење недвосмислено признавање и почитување на македонскиот јазик и идентитет како нераскинлив дел од националното наследство и уставниот поредок се замени со Повторно потврдува дека почитувањето на јазичниот, културниот и националниот идентитет претставува основен елемент во процесот на пристапување кон ЕУ.

Вајц беше прашан од новинарка од Бугарија дали смета дека направил грешка што вметнал македонски јазик и идентитет во Извештајот.

Меѓу амандманите кои беа изгласани, се амандманите 5 и 6 во кои покрај Коридор 8, се додава и Коридор 10 како стратешки проект поддржан од Европската инвестициска банка како и напредокот во нивната изградба.

Во последниот амандман кој беше изгласан се изразува загриженост поради странското мешање во Македонија, особено од Русија и Кина, како и поради улогата на унгарската и српската влада во унапредување на нивните геополитички интереси, вклучувајќи ризични и нетранспарентни заеми како неодамнешниот заем од унгарската банка Eximbank, за кој се смета дека потекнува од Кина.