Македонија
21. July 2025 - 16:47

ССМ пресмета зголемена потрошувачка кошница во јули, премиерот најавува нови 5 кошници, за разни категории

Цените на храната продолжуваат да растат, мерки против поскапување нема да има. Синдикатот пресмета дека за 10 евра или за 630 денари е зголемена синдикалната кошница во јули во однос на јуни. Според нивните пресметки, на 4 члено семејство месечно му биле потребни над 65 илјади денари, а третина од парите, над 23,5 илјади само за храна и пијалоци. Од Владата ја оспорија синдикалната кошничка, како не релевантна и паралелно работата на нова. Истата ќе биде презентирана на социо-економскиот совет до крајот на месецот, а премиерот лично смета дека треба да има 5 кошнички, затоа што потребите на младите и пензионерите не се исти. 

Сметам дека тука треба да има 5 сегменти, односно да има потрошувачка кошница за самец, за млад брачен пар, за тричлено семејство, за четричлено семејство и за пензионери. Потребите на еден пар пензионери се различни од потребите на еден млад брачен пар, изјави Христијан Мицкоски, премиер

Од Синдикатот бараат Владата веднаш да предложи мерки, за да се заштити стандардот на граѓаните. Според  нивните пресметки, за 3 месеци цените на храната се зголемиле за 2,200 денари, откако не важат замрзнатите цени и маржи. 

Од податоците на синдикалната минимална кошница евидентно е дека откако завршија активните владини мерки, вредноста на синдикалната минимална кошница за три месеци е зголемена за 2.637,00 денари односно за 4,20%, додека кај храната и пијалоците за три месеци има зголемување за 2.202,00 денари односно за 10,25% , изјави Светлана Димоски, ССМ

Бројките покажуваат дека животот станува се поскап, а граѓаните посиромашни, што е показател за целосниот дебакл на економските политики на владата, сметаат од СДСМ. Не само што немаат план како да се справат со растечката инфлација, туку упорно не прифаќаат ниту еден предлог што го понуди СДСМ за намалаување на цените и зголемување на платите. Потребни се конкретни мерки за заштита на стандардот на граѓаните и итно покачување на платите на работниците, се вели во соопштението на опозициската СДСМ.  

Сепак, од министерството за економијa велат дека мерки нема да има. Анализата покажала дека органичувањата нема да вродат со пллод, затоа што по истекот,  цените веднаш вивнувале. Во следниот период очекуваат драстично поевтинување на овошјето и зеленчукот, чии цени, според статистиката, бележеа најголем пораст, a со тоа и стабилизација на инфлацијата. Доколку сепак, Владата се одлучи на некакви мерки, истите треба да ги донесе до 8 август, пред распишување на локалните избори.