Сите чекаат Димитриевска сама да замине од Антикорупциска
Власта ќе чека Димитровска сама да поднесе оставка од челната позиција на Антикорупциската комисија како морален чин откако во петокот таа беше обвинета за две дела: оддавање на службена тајна во случајот Адитив и фалсификување на испитот за добивање безбедносен сертификат. Премиерот Мицкоски вели дека покренувањето на интерпелација или разрешување на Димитровска преку парламентот може да се претвори во естраден чин, што за него не е прифатливо.
И собранискиот спикер Гаши смета дека се работи за етички чин што сама треба да го презеде. Засега, според него не се исполнети законските услови за нејзино разрешување, бидејки не е донесена правосилна судска пресуда против нејзе. Потсетува дека евентуалната постапка во парламентот оди преку Комисијата за избори и именувања.
„Што и да одлучи Комисијата, јас ќе го процесуирам во пленарна седница. Но, да, законот е јасен, значи зборува за не за покренување на обвинение, туку за правосилна судска пресуда. Тоа е делот каде што пратениците треба да размислат. Законски услови се уште нема, но делот на угледот, дали може некој да го води тоа тело а има покренато обвинение, тоа повеќе е работа на етика и углед, достоинственост на водење на таа институција.“, коментираше Гаши на брифинг со новинарите.
И од Антикорупциска сметаат дека одговорноста е индивиуалана.
„Собранието на Република Северна Македонија е институцијата која носи одлука за престанок на функцијата и разрешувањето на претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Поднесување на оставка како морален чин е одлука и право на самата Претседателка.
Имајќи предвид дека во конкретниот случај станува збор за индивидуална одговорност, Државната комисија работи и ќе продолжи да работи и да ги извршува своите надлежности пропишани со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси“, велат од Комисијата.
Сепак, нагласуваат дека за да можат успешно да рбаоата ќе им биде потребен полн состав.
Димитровска уште во текот на истрагата објави дека нема намера да се повлече од фунцијата, бидејќи смета дека без судска пресуда, секој е невин. По предлог на Обвинителството, таа веќе неколку месеци има забрана да постапува во предмети на ДКСК, не смее да прима пошта, а судот и го одзема и пасошот. Сепак, тоа не ја спречува да зема плата која изнесува околу три просечни плати исплатени во државата.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар