Македонија
1. August 2025 - 16:39

ВМРО-ДПМНЕ со свој кандидат за градоначалник и во Кичево - во тимот на Орце Ѓорѓиевски влезе и Ралев

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ не се откажува од кандидат за градоначалник во Кичево. Премиерот Мицкоски потврди дека партијата ќе влезе во градоначалничка трка во овој град и покрај тоа што од ДУИ, како што рече, ширеле приказни за Кичево.

Неофицијално, во игра се три кандидати од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Александар Јовановски, лекар од Кичевo, адвокатата Жанета Петроска и професорот Лазе Јакимоски, кој е заменик-министер за администрација.

Покрај кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, во Кичево во игра се и актуелниот градоначалник Фатмир Дехари од ДУИ, потоа адвокатот Шкодран Алили, кој ќе трча како независен, но е всушност разочаран од матичната партија ДУИ и веројатно Фатмир Лимани, министерот за социјална полиитика, демографија и млади поддржан од ВРЕДИ.

Одлуката за свој кандидат во Кичево, од ВМРО-ДПМНЕ доаѓа само неколку дена откако вицепремиерот Меџити од Вреди објави дека оваа коалиција ќе има свој кандидат за Скопје и покрај тоа што коалициската ВМРО-ДПМНЕ за таму го објави Орце Ѓорѓиевски и очекуваше поддршка за него од коалициските партнери уште во првиот круг.

Во, меѓувреме пак, Ѓорѓиевски на Фејсбук објави соработка со архитектот Мишко Ралев. Ралев, пред објавата дека Каја Шукова ќе биде кандидатка на СДСМ за Скопје, беше најсериозниот кандидат на партијата на Филипче за оваа позиција.

Голема чест и искрена благодарност до професорот Мишко Ралев што се приклучува во мојот тим за поубаво Скопје. Со своето богато искуство, визија и интегритет, тој претставува силна поддршка и уште поголема мотивација за нас.“, напиша Ѓорѓиевски на Фејсбук објавувајќи и слика со архитектот.

Ралев во времето на Ковачевски, беше дел од Извршниот одбор на СДСМ. За можен кандидат за Скопје, лично го посочи Филипче. Од Бихаќка сега велат дека тој си гледал само личен интерес.

Дилови со Орце Ѓорѓиевски, кој е класичен избор на партиската олигархија на ВМРО-ДПМНЕ ние нема зошто да толкуваме. Може само да констатираме дека за жал станува очигледно дека мотивите за неговиот ангажман во политиката биле на ниво на личен пазар“, коментираат социјалдемократите.

Од Вреди, потврда засега има само за Касами во Тетово и поддршката на бизнисменот Менди Ќира во Струга. Меџити се споменуваше за кандидат во Чаир, како контратежа на Бујар Османи од ДУИ и поради критиките за актулениот градоначланик Ганиу за дивоградбите. Но, неговото кандидирање станува неизвесно поради адресата на живеење во Бутел.

Веќе станува и извесно дека ЗНАМ ќе има свој кандидат во Центар. За таму се споменуваат две имиња заменик-министерот за енергетика Мирослав Лабудовиќ и докторот Злате Мехмедовиќ.